Настани taksirat 15

29 ноември, 2013

Концертна еуфорија на ТАКСИРАТ 15: The Locos, Дубиоза Колектив и Мајке!

Таксират Фестивал ви открива нови артисти кои на главната вечер од овогодинешното издание на 28-ми декември во „Метрополис Арена“ ќе ви донесат незаборавни искуства и исцрпни концертни настапи кои долго ќе ги паметите: легендарниот чистокрвен рокенрол на МАЈКЕ , убиствен ска-пак со THE LOCOS и еуфорично финале на машинеријата за забава ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ!

Апсурдистан тропа дома!!!

Две години по последниот настап во Скопје, Дубиоза Колектив, бендот од Балканот кој покажа дека во себе носи потенцијал за пробив во светот каков што недостасувал со години, доаѓа на Таксират по распродадените Загреб и Ријека, настапите на Похода, Рок’Н’Кок, Зигет, Егзит,  Роскилде, Палео, Рок Оточац и 80 други концерти во 2013, да ја затвори својата сезона со „таксиратлии“. Ја свртеа Европа, ја посетија Колумбија, ја видоа Русија, Нова Каледонија и стигнаа до „дистопијската држава каде сѐ се граничи со апсурд“.  Дубиоза Колектив ќе настапат на главната вечер на Таксират Фестивал на 28-ми декември во „Метрополис Арена“ во Скопје. Нивниот настап е во рамките на големата турнеја за шестиот албум насловен „Апсурдистан“.

Реакциите за албумот се одлични и повеќе од изненадени сме од сѐ што се случува околу албумот ‘Апсурдистан’. Иако албумот е бесплатен на интернет, издавачите секаде во регионот се многу задоволни и изненадени со продажбата. Албумот од нашиот сајт го симнаа над 300.000 луѓе, а спотот за песната ‘Кажу’ има над 4 милиони прегледувања… Сите тие цифри звучат многу добро и на самиот почеток кога всушност ја планиравме целата приказна не ни можевме да претпоставиме дека работите така ќе се одвиваат. Завршувањето на годината со концерт во врвна продукција токму на Таксират во Скопје всушност ќе биде логичен крај и се надевам дека сѐ ќе заврши во успешен тон, како што и почна“ – изјави басистот на бендот Ведран Мујагиќ.

Покрај промоцијата на песните од последниот албум „Апсурдстан“ на концертот ќе ги изведат и најголемте хитови од десетгодишната кариера, а бендот ќе одржи комплетно ист настан како неодамнешниот, 20 дена однапред распродаден концерт во Загреб пред 12.000 фанови, со кој уште еднаш докажа дека и „официјално“ е во моментов најголемата концертна атракција. Бенд за кој велат дека „едноставно ја погоди вибрацијата на сегашноста, интелигентните текстови ги аранжира во заразни игриви хитови и сѐ тоа го изведува со убиствена прецизност и жестина не оставајќи простор за сомнеж дека само им се посреќи мигот. Дубиоза Колектив е пример за голем балкански пост-југословенски бенд кој не е само машинерија за забава.“ (Равно до дна)

Ова е нивни трет настап на главната вечер во изминативе 15 години и вратата за нив секогаш ќе биде отворена додека ни подаруваат нешта како „Апсурдистан“, „5 за 12“ и тн.

THE LOCOS

Откако легендарните SKA-P најавија повлекување од сцената во 2006 година, „Пипи“, вокалот и шоуменот од бендот, се појави со нов импресивен сет и моќен бунтовен бенд: THE LOCOS. По турнејата за збогување на SKA-P, Пипи одлучи да продолжи со работа и настапи, наместо да подлегне на апатичните рефлексии од минатото, компулсивен одмор или исцрпни падови.

Сите (вклучувајќи го и него) би помислиле дека тоа е сосема лудо, па оттука и објаснувањето за името на бендот… Го врати во живот материјалот кој веќе го имаше за новиот албум на SKA-P, додаде нови идеи и музички елементи и го разви додека не доби одлични песни од материјалот. Потоа започна потрага за музичари, кои би изградиле структура доволно цврста за да ги издржи новите композиции со сета нивна енергија. И најде совршен тим кој може да ги реализира визиите на екстремно луд и енергичен фронтмен како што е тој! Резултатот е шестчлен бенд од истомисленици, луди ликови гладни за возбуда и екстремно моќен состав.

Звукот на THE LOCOS  живее од френетични и експлозивни ритми, бунтовни пораки против системот, живи бои од нашите секојдневни битки. Кога сме кај влијанието, ќе најдете многу елементи од вечните миленици на Пипи: Mano Negra, Mighty Mighty Bosstones, Rancid и – секако – SKA-P.

Незабележливо и многу природно, Пипи ја пронајде новата формула на фронтмен на својот бенд. Брз ска со фуриозен панк е јазикот кој THE LOCOS го користи за да ја пренесе пораката, јазик кој го разбираат речиси секаде во светот! Фестивалските сезони од 2007 до 2011 покажаа дека THE LOCOS не смеат да се кријат зад нивниот постар брат SKA-P. Нивните концерти на сите најголеми европски фестивали го потврдија тоа на најдобар можен начин.

На почетокот на 2012, откако повеќе од три години ги држеа своите фанови во исчекување, конечно беше спремен и новиот албум „Tiempos Dificiles“, а беднот нестрпливо ја очекува секоја можност да го претстави овој одличен материјал на сцена. Ви ветуваме: ова ќе биде луда и убиствена ска-панк вечер!

MAJKE

Мајке е легендарен рок бенд од Хрватска основан во 1984 година, а кој беше активен од 1988 до 2000, за во 2007 повторно да се вратат на сцената со повеќе успеси. Главните влијанија им се американската група Flamin Groovies, а силно влијание врз нив имале и MC5 , Steppenwolf, The Stooges и New York Dolls. На почетоците бендот имаше неколку настапи во стилот на гараж рокенрол, пред да го објават својот прв албум „Мајке“ во 1987 година. Во составот на овој бенд, особено на позицијата на гитарист, поминаа многу луѓе. Поради честите промени, групата во своето постоење направи и неколку паузи. Првиот гитарист, Марин Покровац трагично загина во сообраќајна несреќа, а неговата замена Дуспара се повлече посветувајќи се на Харе Кришна.

Сѐ до 1994 година групата немаше комерцијален дел во својот материјал и сепак добиваа одлични критики. Благото воведување на покомерцијални елементи дојде со албумот „Милост“. На овој албум прв пат воведоа и клавијатури во бендот. Резултатот беше очекуван – поширок пробив до публиката, но помало воодушевување кај критиката.

По овој албум Баре ја напушти групата, но се врати во 1996. Оваа година дефинитивно ја означи општата популаризација на Мајке и нивното прераснување во национален рокенрол феномен. Албмот кој следеше содржеше повеќе депрсивни песни, кои веројатно беа последица на семејната трагедија на Баре, кој ја загуби својата сопруга. Паралелно со работата во Мајке, Баре креираше и алтер его лик и се нарече Хали Гали Халид. Под тоа име изведуваше сопствени пародии на народните музичари. Пародичната песна „Хајде да се дрогирамо“ која повеќето веројатно ја препознаваат од филмот „Ми нисмо анџели“ е негово дело од овој период. На доделувањето на првите рокенрол награди „Црни Мачак” во 1998 Мајке освојуваат две „Црни мачки”, за најдобар рок- изведувач во 1997 година и на најдобар настап во живо. Ова второто се покажа дека е доблест која постојано ги следи, Мајке е бенд кој дефинитивно надобро функционира на настапите во живо.

Во 2011 година, Горан Баре и Мајке го објавија албумот насловен Тешке боје. Со овој албум кој повеќе од година дена се продаваше без намалено темпо, секоја недела тие се наоѓаа меѓу топ 5 најпродавани албуми во Хрватска. Албумот беше номиниран во 11 категории за наградите „Порин“, од кои освоија дури 6 и тоа за хит на годината, песна на годината, рок албум на годината, најдобра изведба на група со вокал, најдобар аранжман и најдобар видео спот. На Таксират Фестивал, Мајке го носат чистокрвниот рокенрол звук и ветуваат концертно уживање со најголемите хитови кои го прославија бендот и секако песните од последниот албум „Тешке боје“.

Покрај Дубиоза Колектив, Мајке и The Locos, на главната вечер на ТАКСИРАТ 15 ќе настапат БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА и БЕОГРАДСКИ СИНДИКАТ, а наскоро очекувајте и нови артисти!

Таксират фестивалот за најверните и најбрзи „таксиратлии“ кои сакаат што поскоро да го осигураат своето присуство на „Таксират 15“, ги подготви промотивните т.н. „early bird“ влезници кои веќе се достапни по промотивна цена од само 450 денари! Овие промо влезници се во строго ограничен број и можете да ги набавите на сите продажни места во мрежата на МКтикетс:

• Продажните салони на ONE во: Скопје (Рамстор, ТЦ Бисер, ГТЦ, ВЕРО Центар, Скопје Сити Мол) Куманово, Тетово, Гостивар, Битола 01, Охрид, Струга, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Штип, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија.

• Југотон ГТЦ 1 кат.

• Низ Македонија : ЗЗ ТОП Охрид, Агора Куманово, Хард Рок Битола, Шишко Кочани, Розе Веро 2, Камарад Рамстор, Кафе Браво, Круг Кафе.



Врати се горе ↑