Концерт 20121005-tose-proeski4

21 јануари, 2013

Концерти и книга за Тоше Проески

Во петок, 25-ти јануари во Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево, покрај промоцијата на албумот „Најдоброто од Тоше Проески“ и новата песна „Све је ово премало за крај“, ќе биде одржан и концерт на кој ќе настапи Андријана Јаневска, внукот на Тоше – Кристијан Ристески заедно со неговата група, Билјана Талеска која е еден од најдобрите студенти стипендисти по соло пеење на Меѓународната фондација „Тодор Проески” и уште неколку македонски пејачи. Концертот ќе биде со почеток од 11 часот.

Годинава се очекува и книгата насловена „Oва не е крај”, која во чест на Тоше ја пишува Соња Алексоска – Неделковска, а дел од истата премиерно ќе биде прочитан на меморијалната манифестација.

Во градот на конзулите, битолскиот детски хор „Ѕвончиња“ под раководство на проф. Марина Коруновска годинава повторно ќе одржи традиционален концерт во чест на нашата музичка икона Тоше Проески, под мотото „Пееме до ѕвездите“. Средствата кои ќе бидат собрани од овогодинешниот концерт ќе бидат наменети за донирање на инструмент во Државното музичко улилиште во Битола, каде што се школуваше и Тоше.

Концертот, веќе традиционално, се одржува во големата сала на Центарот за култура во Битола, кој е домаќин на битолските Ѕвончиња. Годинава, во терминот превиден за концертот, (25-ти јануари, роденденот на Тоше), се одвива реконструкција на големата сала. Поради долгогодишните одлични односи со нивниот партнер, Центарот за култура, кој е и домаќин, концертот ќе биде одржан со задоцнување, по завршувањето на реновирањето на салата, што според организаторот, е предвидено за крајот на месец февруари.



Врати се горе ↑