Концерт

15 април, 2016

Концерт на студентите од студиската програма Популарни музички жанрови по повод 50 години ФМУ‏

На 18 април (понеделник) во Македонската опера и балет ќе се одржи концерт по повод значајниот јубилеј – 50 години од основање на Факултетот за музичка уметност – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Овој музички настан ќе го приредат студентите од студиските програми за Популарни музички жанрови. Овие програми на ФМУ – Скопје беа воведени во учебната 2012/2013 година, со што популарната музика за првпат почна да се изучува и во една високообразовна институција во Република Македонија.

На концертот, љубителите на музиката ќе можат да проследат настапи на неколку вокално – инструментални состави сочинети од студентите од прв циклус студии на ФМУ – Скопје. Како солисти ќе се претстават студентите по гитара, саксофон, бас гитара, соло пеење и удирачки инструменти, oд класите на професорите доц. м-р Кирил Туфекчиевски, доц. м-р Иван Иванов, м-р Андријана Јаневска, м-р Дамјан Пејчиновски, доц. м-р Влатко Нушев и Нико Ѓорѓиевски, како и студенти по аранжирање од класата на проф. Кире Костов. Специјални гости ќе бидат проф. д-р Драган Даутовски и неговите студенти на одделот за народни инструменти, како и вокалните солисти, поранешни студенти на Факултетот, Наде Талеска-Спасовска, Влатко Лозаноски и Димитар Андоновски, кои ќе настапат заедно со Биг Бендот на Факултетот за музичка уметност – Скопје под раководство на нивниот долгогодишен професор Кире Костов.

Деканот на ФМУ – Скопје, проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска вели: „Годинава Факултетот за музичка уметност – Скопје, при Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, одбележува 50 години од своето постоење. Постигнатите резултати во изминатите пет децении, без никаков сомнеж го издигнуваат Факултетот за музичка уметност – Скопје како најкомпетентна и професионално најсилна музичко-образовна институција во Македонија. Стотиците современи протагонисти на музичкиот живот кај нас, во речиси сите поважни музички, културни и образовни институции и ансамбли, низата истакнати имиња од областа на музичкото творештво, музичкото исполнителство, музикологијата и другите подрачја на музичката култура кои стекнаа меѓународна и светска слава благодарение, меѓу другото, и на знаењата стекнати на Факултетот за музичка уметност сами по себе зборуваат за дострелите на оваа образовна институција. Тие се причина за задоволство, но и предизвик во достигнувањето на нови дострели и  хоризонти. Во оваа јубилејна година, студентите и професорите ќе понудат богата, квалитетна и разновидна концертна програма. Централниот настан ќе биде на 6 декември, а на 18 април ќе се одржи првиот од низата концерти по повод значајниот јубилеј. Особено ни е драго што на овој концерт соработуваат студентите од повеќе студиски програми и оддели на ФМУ, претставувајќи ги резултатите од големиот труд вложен од нив и нивните професори“.

Слушателите ќе имаат можност да уживаат во познати поп, рок, џез и соул теми, од светски познати музичари: Алиша Киз, Тина Тарнер, Нина Симон, Шака Кан, Бијонсе, Мајкл Бубле. Гостите на концертот ќе се претстават со неколку македонски евергрини, како и изворни народни песни во придружба на ревискиот оркестар на ФМУ.        

Професорите и студентите од студиските програми за Популарни музички жанрови имаа плодна музичка сезона во изминатиов период, со забележителни настапи во Скопје и републиката. Претставувањето на Биг бендот на ФМУ како врвен професионален ансамбл, продолжува и понатаму со редовните претстави на мјузиклот „Чикаго“ како копродукција на на Македонскиот народен театар, Македонската опера и балет и Факултетот за музичка уметност – Скопје. Во наредниот период, во план е студентите да одржат целовечерни концерти во повеќе градови низ Република Македонија.

Концертот по повод 50 години ФМУ ќе започне во 20 часот. Влезот е слободен, местата за седење може да се резервираат на тел. 02 3161614 или на email: fmu@ukim.edu.mk

 



Врати се горе ↑