Концерт plakat

19 март, 2015

Концерт на српскиот бенд „Пластик сандеј“ и скопското трио „Суртуклер“ во културниот центар „Кула“‏

Во пресрет на денот на пролетта, оваа сабота на 21 март ќе го обележиме нејзиниот почеток со музички концерт во културниот центар „Кула“. Со почеток во 20 часот ќе имате можност да проследите еден од најдобрите нови српски музички остварувања, „Пластик сандеј“ (Plastic Sunday), со локална поддршка од страна на скопскиот бенд „Суртуклер. Иако постојат веќе шест години, „Пластик сандеј“ за прв пат ќе се претстават пред пошироката скопската публика.

Музичкиот бенд „Пластик сандеј“ е основан во 2008 година во Ниш од страна на Милан Митровиќ (тапани и вокал), Братислав Митровиќ (гитара) и Александра Станковиќ (бас гитара). Овој бенд може стилски да се окарактерзира како гаражен рокенрол со влијанија на ноиз и психоделичен звук. Имено, најзначајното признание бендот го добива од страна на критичарите и редакцијата на веб-списанието „Попбукс“ (Popboks), каде се прогласени за најдобар нов бенд во Србија во 2010 година. Како резултат од таа награда, снимен е нивниот прв мини албум  „Разум тражи разлоге” во продукција на студиото „Дигимедија“.

Групата има значајни настапи на „Јелен демо фест“ во Бања Лука, 2011, „Нисомна“ во Ниш, 2011 и 2013, „Балкан стритс фестивал“ во Врање, серијал концерти во „Сцена уживо“ во Домот на млади во Белград, потоа на Ушќе пред „Депеш мод“, на првата серија концерти „Проветравање“ во Ниш, фестивалот „Гарден рок“ во Подгорица, „Цицвара фест“ во Неум, „Бедем фест“ во Никшиќ и тн. Вториот студиски албум „Комуникација“, кој е исто така снимен во продукциската куќа „Дигимедија“, „Пластик сандеј“ самите го објавуваат онлајн. Потоа следува и нивната прва регионална мини-турнеја, каде бендот настапува во Србија, Црна Гора, Словенија и Македонија.

plasticsunday.bandcamp.com

soundcloud.com/plastic-sunday

www.last.fm/music/PLASTIC+SUNDAY

Како предгрупа на „Пластик сандеј“ ќе настапи скопскиот музички бенд „Суртуклер“. Имено, ќе имате можност да го слушнете новиот материјал на овој трочлен музички состав, кој наскоро ќе биде издаден како епонимно (истоимено) ЕП издание. „Суртуклер“ ја започнуваат својата кариера во 2013 година во подземјето на скопските гаражи. Бендот го сочинуваат Самир Карахасан (тапани), Ертунч Сали (гитара) и Стефан Николовски (бас гитара). Досега имаат настапувано неколку пати во Скопје и на шестиот Бош-фестивал во Гевгелија.

Поаѓајќи од сознанието дека тројцата се ликовни уметници и графичари, напоредно и нивната музика се развива како боја која бавно се провлекува низ штампарска форма. Тие лично го опишуваат својот звук како гаражен панк со елементи  на сурф-рок и стонерски-акорди кои одново не навраќаат на нивниот опис од настапот на Бош-фестивал: “…несвесно празнење на умот хранет од суровата абразивност на скопскиот бетон, шареното ѓубре и маите, скапи конзерви надеж, танцувајки со бесот во длабочините на етерот. Sürtükler! Не сака промена, сака крај!

www.facebook.com/surtukler

soundcloud.com/surtuklerband

Придружете ни се на ова електрично-музичко патување со „Суртутклер“ кои ќе ве возат од чаршија до Дивиот Запад, до следната станица, каде „Пластик сандеј“ се надоврзуваат со звуци на психоделија и алтернативен рок.



Врати се горе ↑