Концерт plakat 2

28 ноември, 2012

Концерт на Симфонискиот оркестар на ФМУ

Следниот понеделник, на 3-ти декември, во Домот на АРМ со почеток во 20 часот, Факултетот за музичка уметност во Скопје ќе одбележи 46 години од своето постоење со концерт на Симфонискиот оркестар на ФМУ. Под диригентската палка на Саша Николовски – Ѓумар реномираните солисти Ана и Игор Дурловски ќе ја изведат кантатата „Стабат матер“ од италијанскиот композитор Џовани Батиста Перголези, а во вториот дел од програмата публиката ќе има можност да го проследи оркестарското дело „Слики“ од Клод Дебиси, кое за прв пат интегрално ќе се изведе во Македонија, а со него ќе се одбележат 150 години од раѓањето на овој француски композитор.

  „Секоја година на овој датум се одбележува годишнина од основањето на факултетот со доделување на дипломи на студентите како и со свечен концерт на кој настапува Симфонискиот оркестар на ФМУ сочинет од студенти на додипломски и постдипломски студии со солисти – студенти од вокално инструменталните класи. Задоволството да се види како од овој оркестар излегуват сега веќе истакнати музичари кои го збогатуваат музичкиот живот во Македонија е огромно. Оваа година на наше заедничко задоволство како солисти ќе се претстават веќе афирмираните вокални уметници Ана и Игор Дурловски, постдиоломци на ФМУ во класата на проф. Билјана Јовановска – Јакимовска“ – изјавува Деканот на ФМУ Гордана Јосифова- Неделковска.

Во низата проекти на ансамблот се премиерите на капиталните дела од светскиот симфониски репертоар, но и од современата македонска музика. Четириесетгодишниот јубилеј на ФМУ во 2006-та го одбележа извонредниот настап на оркестарот и маестро Симон Трпчески под диригенство на Саша Николовски Ѓумар, а минатата година, четириесетипеттиот јубилеј со концерт на Симфонискиот оркестар со изведбата на увертирата „Ромео и Јулија“ од Чајковски и Суитата од балетот „Спартак“ од Хачатурјан. Влезот за концертот во понеделник е бесплатен, со претходна резервација на билети во ФМУ.



Врати се горе ↑