Концерт

25 јули, 2019

Концерт на „Школка“ во спомен на 26 јули

26 јули е денот кога се потсетуваме на еден тажен момент од животот на Скопје. Но, тоа е и ден кога треба да го славиме животот, да ја славиме хуманоста и подадената човечка рака. Никако не треба да ја заборавиме светската мобилизација за помош на Скопје и негоите жители. Исто така, овој ден е значаен бидејќи треба секогаш да се потсетуваме дека нема играње со приридата и дека ова може да му се случи секому.

И по 56 години важно е да се чествува овој ден и сите да се потсетиме на тоа што се случило. Важно е да ги потсетуваме и младите генерации на она што светот го направил за нас, зашто сама така ќе ги научиме што значи хуманост и подадена рака во тешки моменти. Овој ден не го нарекуваме прослава, ниту пак чествување. 26 јули е ден на хуманоста, ден на добрите дела и ден за сеќавање на сите што не се повеќе со нас, пишува во соопштението за утрешниот концерт што ќе се случи на летната сцена „Школка“ во Градскиот парк, во организација на „Баги комуникации“ и Град Скопје.

Во музичката програма на концертот учество ќе земат српската етно-дива Биља Крстиќ и нејзиниот оркестар „Бистрик“, грчкиот музичар Танос Ставридис, нашиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски и Биг-Бендот составен од некои од најпознатите и најдобри македонски музичари, под водство на маестро Љупчо Мирковски.

Концертот е со почеток од 20.00 часот.



Врати се горе ↑