Концерт Fedotov

3 ноември, 2015

Концерт на „Рускиот Паганини“, Максим Федотов, со симфонискиот оркестар на ФМУ – Скопје

„Скопје класик“, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, по трет пат приредува концерт за кој што како и изминатите години се бара карта повеќе. По впечатливите концерти на врвниот пијанист Александар Гиндин и маестралниот виолинист Кирил Трусов, на 4 ноември во Македонската опера и балет, концерт ќе одржи „Рускиот Паганини“, Максим Федотов, заедно со симфонискиот оркестар на Факултетот за  музичка уметност – Скопје под диригентското водство на Саша Николовски – Ѓумар.

„Изминатите години, на Факултетот за музичка уметност – Скопје, студентите имаа можност да работат со еминентни професори и уметници како флејтистите Дејан Гавриќ и Еманиуел Пају, виолинистот Кирил Трусов, пијанистите Андреи Коробеиников и Александај Гиндин, виолончелистот Марк Копе, трубачот Виценте Кампос и др. Маестро Федотов како солист ќе изведе едни од најатрактивните дела за виолина и оркестар од Сен Санс и Чајковски. Покрај тоа што е виолинист од светски ранг, тој е и врвен диригент, затоа особено корисно ќе биде за студентите под неговата искусна рака да ја изведат Увертирата ’Кориолан’ од Бетовен. Длабоко верувам дека соработката на овие млади симфоничари со овој еминентен уметник и педагог ќе им помогне во нивната понатамошна професионална надградба“, изјави деканот на Факултетот за музичка уметност, проф. м-р Гордана Јосифова Неделковска.

„Многу сум среќен што сум повторно во Македонија, а особено што овој пат за првпат настапувам со симфониски оркестар составен од студенти. Соработката со младите е секогаш посебно доживување и сосема поинакво искуство. Тоа се докажа и овој пат. Најпрвин сакам да кажам дека сум многу изненаден и воодушевен од високото ниво на студентите во оркестарот кое може да се спореди и со нивото на професионални оркестри во светот. Искрено, не го очекував ова. Би сакал да му се заблагодарам на мојот колега, Саша Николовски – Ѓумар, кој одлично го подготвил оркестарот, и затоа моите проби со младите симфоничари се вистинско уживање. Тие се многу дисциплинирани, одговорни, музички флексибилни, и реагираат веднаш, но најважно од сè е што сето тоа го прават со огромна љубов и евентуално. Кога сето ова ќе се спореди со најдобрите светски оркестри, каде се е отсвирано перфектно, точно, но често изостанува емоцијата,  се потврдува дека енергијата создава сосема друга атмосфера. Покрај тоа што сум солист-виолинист и диригент со богато искуство, јас сум и долгогодишен педагог. Предавам во конзерваториумот ’Чајковски’ во Москва и сум шеф на катедрата за гудачки инструменти на Московскиот државен институт за музика именуван по А. Г. Шнитке и од педагошко гледиште сметам дека е од особена важност студентите да имаат можност да работат со педагози и уметници од други средини. Како што можам да видам, менаџментот на Факултетот за музичка уметност – Скопје ова го прави и повеќе од успешно и овој модел треба да е пример и за други образовни институции“, изјави Максим Федотов.



Врати се горе ↑