Концерт 993a597ea26d9ae59d32a9b2d425dd4ab16660e0

28 јуни, 2013

Концерт на Роби Лакатош во Охрид‏

Password Production со задоволство го најавува концертот на исклучителниот унгарски виолинист и уметник Роби Лакатош, кој ќе се одржи на 4-ти август во рамките на програмата на Охридско лето. На овој концерт кој ќе го претстави сцената на Античкиот театар во Охрид, македонската публика ќе има ретка прилика да ужива во виртуозната убавина на „ѓаволскиот виолинист“.

Роби Лакатош (Roby Lakatos), успешниот унгарски виолинист е исклучителен музички уметник кој на извонреден начин го прикажува спојот на класичната музика со џез додатоци и изворен мелос. Овој одличен композитор и музички импровизатор е карактеристичен по способноста на најубав начин да искомбинира различни музички правци и истите да ги пласира како свој единствен стил.

Роден во легендарното семејството на ромски виолинисти кои потекнуваат од Јанош Бихари, „Кралот на ромските виолинисти“, Роби Лакатош уште како дете беше воведен во музиката и на возраст од девет години го имаше својот прв јавен настап како прва виолина во ромски бенд. Неговото музицирање еволуираше не само во рамките сопственото семејство, но исто така и во рамките на Бела Барток конзерваториумот во Будимпешта, каде што ја освои првата награда за класична виолина во 1984 година. Помеѓу 1986 и 1996 година, тој и неговиот ансамбл ја воодушевуваа публиката на „Les Atéliers de la grande Ille“ во Брисел, нивниот музички дом во текот на овој период. Тој има соработувано со легендарните Вадим Репин и Стефан Грапели, а неговото виртуозно свирење во голема мера го восхити и американскиот виолинист Сер Јехуди Менјухин, кој беше редовен гостин во Брисел на настапите на Лакатош.

Роби Лакатош не е само исклучителен виртуоз, туку и музичар со извонредна стилска разноликост. Со подеднаква леснотија изведувајќи класчна музика, како и џез и неговиот сопствен унгарски фолк идиом, Лакатош е редок музичар кој и пркоси на музичката дефиниција. Познат е и како “ѓаволскиот виолинист”, класичен виртуоз, џез импровизатор, композитор, аранжер и повратник од XIX век, а тој е, всушност, сите овие работи одеднаш. Тој е уникатен вид на универзален музичар кој толку ретко се среќава во наше време – свирач чија снага како изведувач произлегува од неговите активности како импровизатор и композитор. Тој има настапувано во сите поголем сали и фестивали низ Европа, Азија и Америка, каде со својата музика ја прикажува убавината и слободата на народот од кој потекнува, но и една нова димензија на класичната музика, токму онаа во која уживаа и познатите класици Франц Лист и Јохан Брамс. Лакатош е артист кој во своите дела со сигурност ја пронајде формулата за среќа која неизбежно ја прикажува со својата работа и мелодија.

Коцертот на Роби Лакатош и неговиот ансамбл ќе се одржи на 4-ти август во Античкиот Театар во Охрид, во рамките на 53-то издание на манифестацијата Охридско лето. Влезниците за овој концерт наскоро ќе бидат достапни во продажната мрежа на МКтикетс и тоа во три категории, во зависност од распоредот на седење, по цена од 600, 700 и 800 денари.



Врати се горе ↑