Концерт

1 февруари, 2018

Концерт на Растко Обрадовиќ квартет во „Јавна соба“

В сабота, на 3 февруари, во „Јавна соба“ свој прв концерт во Скопје ќе има динамичниот белградски квартет на Растко Обрадовиќ. Со овој концерт продолжува промоцијата на регионалната џез-сцена во соработка со платформата „Вин мјузик фридам“ (Win Music Freedom).

Српската џез-сцена никојпат не била толку динамична и разновидна. Авторски состави никнуваат низ цела Србија, но Белград е секако епицентар на добрата музика каде само квалитните состави успеваат да опстанат. Во Србија има состави кои негуваат музика од 50-тите години, неизбежно збогатена со печати од времето и поднебјето на кое се креира, но има и автори чии композиции се темелени на локалната музичка традиција. Секако има креативни музички групи чиј репертоар е современ џез, но се сретнуваат и фузирани групи и автори кои се длабоко во водите на експериментална музика и слободна импровизација на лице место.

 

Белградската сцена е најразновидна, но не значи дека не постојат музички состави и од други подрачја кои рамноправно се носат. Напротив, одличен џез има од Кањижа до Врање, а она што е најинтересно е дека во сите нив предводат исклучиво млади автори. Оваа нова генерација има образование и искуство стекнато пред сè на врвни светски академии и настапи како Осло, Лондон, Амстердам, Њујорк и сл. Овие автори имаат „загарантирана“ светска кариера. Оваа сезона, зима – пролет во „Јавна соба“ ќе видиме пет од најдобрите белградски состави.

Концертот на „Растко Обрадовиќ квартет“ во сабота во „Јавна соба“ е вистински показател на белградската сцена. Членовите на квартетот се искусни, надвор школувани музичари кои покрај композициите ќе изведат и дел од омажот на Растко под налсовот „Tirgova Hamasjana“.

Претставувањето на белградската сцена е во организација на „Јавна соба“ и „Мултикултиватор“ од Белград. „Мултикултиватор“ е единствена платформа која е посветена на унапредување на музичката сцена на овие простори. Организацијата детектира талентирани музичари и преку осмислени програмски активности ги поддржува да се усовршат или образуваат во странство.

 

Растко Обрадовиќ – саксофон
По завршувањето на студиите на Кралската Музичка Академија во Осло, Растко станува еден од најбараните саксофонисти на српската џез-сцена. Со својот автентичен и впечатлив звук, Растко успева да се поврзе и соработува со искусни музичари од регионот и пошироко. Како музичари кои имаат влијание врз Растко се набројуваат Јан Гарбарек, Мајкл Брекер, Бојан З, Соли Ролинс…

Александар Грујичиќ – пијано
Пијанист кој се одликува со широк спектар на интереси во музиката. Тој моментално е активен на српската и европска џез-сцена како соло-уметник и соработник со многубројни истакнати инструменталисти. 

Пеџа Милутиновиќ – тапани
Како дел и од „Васил Хаџиманов бенд“ и „Макс Кочетов квартет“, тој е најактивниот тапанар на српската џез-сцена. 

Борис Шаиновиќ– бас
Иако е сè уште студент на Факултетот за музичка уметност во Белград, џез-отсек, тој е мошне активен басист. Дел е од „Шајм трио“ (Schime Trio) и „Роберт Гласпер Белгрејд експиримент“ (Robert Glasper Belgrade Experiment).

Влезот во „Јавна соба“ е слободен.



Врати се горе ↑