Балкан rade sherbedzija

11 јануари, 2013

Концерт на Раде Шербеџија во Лондон во чест на Тоше

Славниот балкански актер со успешна холивудска кариера, Раде Шербеџија ќе одржи концерт во Лондон во сеќавање на прерано починатата музичка ѕвезда Тоше Проески. Гала-настанот, кој организаторот го најавува како интимна вечер со истакнатиот и сакан глумец, режисер и музичар, ќе се одржи во клубот „Study Society“ во западен Лондон, на 26-ти јануари, ден по роденденот на Проески. Настанот ќе го отвори српската актерка Весна Станојевиќ, која ќе ги каже воведните зборови.

Шербеџија е голем почитувач на ликот и делото на Проески. На отворањето на Спомен-куќата на Тоше на Гумење, Kрушево, во 2011 година, тој ја исполни песната „Kрушево“. Нумерата, која ја компонирал Тоше, Шербеџија ја изведе на хрватски и на македонски јазик, придружуван од бендот на Тоше и Влатко Стефановски на гитара. Текстот е дело на Мирослав Рус, а препевот на македонски го направи Огнен Неделковски.

Инаку, колку што е познато, годинава на денот на роденденот на Тоше, концерт во Македонија нема да се одржи, меѓутоа во Спомен-куќата во Крушево ќе биде промовиран албумот „Најдоброто од Тоше Проески“, на кој ќе се најдат 16 композиции, 15 веќе познати хитови кои ја одбележаа неговата кариера и една нова песна насловена „Све је ово премало за крај“, чиј автор на музиката и текстот е Јелена Труфуновиќ, а аранжманот го изработи Никша Братош.

 



Врати се горе ↑