Настани

24 јули, 2019

Концерт на „Некст тајм“ за патронатот на општина Илинден

На 28.07.2019 година (недела) со почеток во 20:30 часот, во амфитеатарот на паркот „Галерија на отворено“, пред Домот на културата „Илинден“, во населбата Илинден,  под мотото „Со Илинден традицијата продолжува“, на свечен начин ќе биде одбележан патрониот празник на општината Илинден,  2 Август и националниот празник на македонскиот народ.

Одбележувањето на Денот на општината ќе биде збогатено со настап на групата „Некст тајм“.

Во рамките на одбележувањето на патрониот празник на општина Илинден „Илинден 2 Август“ и националниот празник на македонскиот народ, на 27 јули (сабота) и 28 јули (недела) 2019 година, ќе се одржи и Спортски викенд „Илинден 2019“.

На оваа традиционална спортска манифестација која што се реализира по 11. пат, се очекува да учествуваат над 700 спортисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортови: велосипедизам, шах, атлетика-трчање, тенис, баскет и голем фудбал.

Централен настан ќе биде традиционалната професионална велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2019“, која што е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја. И оваа година „Трофеј Илинден 2019“ ќе има интернационален карактер бидејќи се очекува да учествуваат над 70-на велосипедисти од неколку држави, кои ќе се натпреваруваат во повеќе категории: сениори, мастерс, кадети, јуниори, жени, У15 и У13.

Стартот на трката е закажан за 27 јули (сабота) во 16:00 часот пред Спортската сала „Гоце Делчев“, каде што ќе биде и целта. Патеката е кружна, ќе се возат 4 круга низ населените места на општина Илинден: Илинден, Марино, Ајватовци, Мршевци, Дељадровци, Текија, Миладиновци и Кадино, при што должината на еден круг е 25 километри.

Покровителот на оваа традиционална манифестација, градоначалникот на oпштина Илинден, Жика Стојановски, на најдобрите екипи и поединци ќе им додели соодветни награди, маици, пехари и медали.



Врати се горе ↑