Концерт koncert kopej i solisti

5 април, 2013

Концерт на Марк Копеј и „Солисти на ФМУ“

Вљубениците во класичната музика вечерва (5-ти април) конечно ќе го дочекаат во Скопје францускиот виолончелист, големиот Марк Копеј (Marc Coppey),  добитник на двете највисоки награди на Баховиот натпревар во 1988 година – Првата награда во категоријата до 18 години и наградата за најдобра интерпретација на дела од Бах, кој во моментов се смета за еден од водечките камерни уметници на виолончелото на денешницата. Тој ќе диригира со камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ во Музејот на македонската борба за државност и самостојност каде ќе настапи и како солист.

„На ФМУ е редовна практика да гостуваат истакнати визитинг професори и видни уметници кои ги пренесуваат своите знаења и искуства на нашите студенти. Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ раководен од истакнатиот педагог проф. Велко Тодевски, веќе долги години е вистински репрезент на нашиот факултет и со својата успешна концертна дејност дава посебен придонес во целокупното музичко живеење во Република Македонија. За прв пат со овој студентски оркестар ќе настапи врвниот виолончелист и диригент Марк Копеј кој истовремено е и професор на Високиот национален конзерваториум за музика во Париз и држи мајсторски курсеви насекаде во светот. Нашите студенти кои го сочинуват камерниот оркестар на ФМУ со огромно задоволство се подготвуваат да бидат предводени од овој исклучителен уметник“ – изјавува Деканот на ФМУ, Гордана Јосифова- Неделковска.

Копеј често ги изведува комплетните Бахови „Суити“ и друг добро познат и сакан концертен репертоар. Исто така на публиката ѝ нуди дела што ретко се изведуваат од други музичари. Токму затоа се вели дека неговиот репертоар е еклектичен и иновативен. Тој ги извел  светските премиери на Концертот за чело на Лено, Првиот концерт за чело на Танги и француската премиера на Концертот за чело на Елиот Картер. Во ноември 2009-та е избран да ги свири Баховите дела во Париз, на плоштадот Конкорд, на прославата по повод 20-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид.  Покрај солистичката кариера, како и активностите со камерна музика, Марк Копеј е и професор на Високиот национален конзерваториум за музика во Париз и држи мајсторски курсеви насекаде во светот. Тој е уметнички директор на Фестивалот за камерна музика во Колмар. Свири на реткиот вид виолончело од Matteo Goffriller (Венеција 1711).

На репертоарот вечерва, покрај неговото солистичко претставување со Хајдновиот концерт во Де дур, ќе се најдат В.А.Моцарт – Дивертименто („Салцбуршка симфонија“ бр.1) и П.И.ЧајковскиСеренада за гудачи. Концертот ќе започне во 20.30 часот. Оркестарот го подготви проф. Велко Тодевски.



Врати се горе ↑