Концерт koncert-fmu-marc-coppey

19 ноември, 2013

Концерт на Марк Копе и „Солисти на ФМУ“

Вљубениците во класичната музика на 22-ри ноември (петок), повторно ќе го дочекаат во Скопје францускиот виолончелист, големиот Марк Копе,  добитник на двете највисоки награди на Баховиот натпревар во 1988 година – Првата награда во категоријата до 18 години и наградата за најдобра интерпретација на дела од Бах. Марк Копе се смета за еден од водечките  виолончелисти на  денешницата. Тој често ги изведува комплетните Бахови „Свити“ и друг добро познат и омилен концертен репертоар, но, исто така, на публиката ѝ нуди дела што ретко се изведуваат. Токму затоа се вели дека неговиот репертоар е разновиден и иновативен.

Марк Копе ги остварил светските премиери на Концертот за виолончело на Лено, Првиот концерт за виолончело на Танги и француската премиера на Концертот за виолончело на Елиот Картер. Во ноември 2009-та е избран да ги свири Баховите дела во Париз, на плоштадот Конкорд, на прославата по повод 20-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид. Покрај солистичката кариера, како и активностите на полето на камерна музика, Марк Копе е професор на Високиот национален конзерваториум за музика во Париз и држи мајсторски курсеви ширум светот. Марк Копе е уметнички директор на Фестивалот за камерна музика во Колмар. Свири на реткиот инструмент од Matteo Goffriller (Венеција 1711).

Во Македонија Марк Копе ќе диригира со камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ во Музејот на македонската борба за државност и самостојност каде ќе настапи и како солист. Концертот е поддржан од Францускиот институт во Скопје.

„На ФМУ е редовна практика да гостуваат истакнати визитинг професори и видни уметници кои ги пренесуваат своите знаења и искуства на нашите студенти. Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ веќе долги години е вистински репрезент на нашиот факултет и со својата успешна концертна дејност дава посебен придонос во целокупното музичко живеење во Република Македонија. Оркестарот го раководи истакнатиот педагог проф. Велко Тодевски кој го подготви и за овој настап. Нашите студенти кои членуваат во оркестарот „Солисти на ФМУ“ со огромно задоволство се подготвуваат да бидат предводени од Марк Копе. Овој исклучителен уметник по втор пат настапува со нашиот оркестар и очекуваме нови искуства и врвни уметнички остварувања толку поучни за студентите“ – изјавува Деканот на ФМУ проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска. 

Програмата на концертот на 22 ноември, покрај солистичкото претставување на Марк Копе со Хајдновиот концерт бр. 1 C-dur, ја сочинуваат „Унгарска рапсодија“ од Давид Попер, „Капричо“ од истакнатиот македонски диригент и композитор Драган Шуплевски чијашто 80-годишнината од раѓањето ја одбележува македонската јавност, како и „Едноставна симфонија“ од големиот англиски композитор Бенџамен Бритн по повод 100-годишнината од раѓањето која токму на денот на концертот се одбележува ширум светот. Концертот ќе започне во 20.00 часот. Влезот е слободен, седиштата може да се резервираат на тел. 02 3161614.



Врати се горе ↑