Концерт maksim

2 ноември, 2015

Концерт на Максим Федотов со симфонискиот оркестар на ФМУ – Скопје

На 4 ноември „Скопје класик“ повторно ни најавува спектакуларен концерт на уште еден извонреден музичар. По Александар Гидин во 2013 година и Кирил Трусов во 2014, оваа година публиката ќе има можност да слушне уште еден светски признаен изведувач –  реномираниот руски виолинист и диригент Максим Федотов. Тој, заедно со симфонискиот оркестар на ФМУ и маестро Саша Николовски – Ѓумар, ќе одржи концерт кој со сигурност нема никого да остави рамнодушен.

Максим Федотов е еден од најистакнатите руски музичари на денешнината. Рускиот „Паганини“, како што го нарекува светската критика, се школувал на Московскиот конзерваториум, а неговите професори биле истакнати изведувачи и педагози Борис Сергеев, Игор Безродниј, Владислав Чернушенко. Во текот на својата кариера настапувал на најпрестижните сцени во Русија, Англија, Германија, Финска, Австрија, Шпанија, Јапонија, Италија и др., а соработувал и со бројни реномирани оркестри и уметници во Русија и надвор од неа. Максим Федотов добро и‘ е познат на македонската публика со своите врвни рецитали на фестивалот „Охридско лето“. Паралелно со исклучителната концертна активност се одвива и неговата диригентска дејност. Од  2003 до 2005 година Максим Федотов бил шеф-диригент на Рускиот симфониски оркестар, а од 2006 до 2010 се наоѓа на местото уметнички директор и шеф-диригент на Московскиот симфониски оркестар. Максим Федотов е добитник на повеќе национални и меѓународни награди.

Симфонискиот оркестар на ФМУ – Скопје го сочинуваат студенти на додипломски и последипломски студии од оваа високообразовна институција. Низ своето досегашно постоење оркестарот бележи постојан квалитативен растеж соработувајќи со голем број уметници од Македонија и странство. Секоја година симфонискиот оркестар на ФМУ одржува повеќе концерти на кои изведува голем број капитални дела од светскиот симфониски репертоар. Покрај тоа, оркестарот е еден од значајните промотори на македонската симфониска музика.

Концертот ќе се одржи во Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот, а на програмата се дела од Бетовен, Чајковски и Сен-Санс. Својот висок изведувачки потенцијал Федотов ќе има можност да го покаже во Концертот за виолина и оркестар на рускиот композитор Петар Илич Чајковски, а позади диригентскиот пулт ќе го видиме во познатата Увертира „Кориолан“ на Лудвиг ван Бетовен. На концертот публиката ќе има можност да го чуе и делото „Introduction et rondo capriccioso“ на Камиј Сен-Санс.

Билетите се достапни во билетарницата на МОБ.



Врати се горе ↑