Концерт 995493_383751408413732_433724907_n

12 август, 2013

Концерт на Црвена Јабука во Битола

Легендарниот сараевски бенд Црвена Јабука во изминатиов период е на концертна турнеја по повод 30 години од формирањето, на која го промовираат и нивниот нов, четиринаесетти по ред студиски албум насловен „Нек’ буде љубав“. Во рамките на оваа турнеја, на 23-ти август со почеток од 20.30 часот, бендот ќе одржи концерт на ракометното игралиште во Битола. Билетите во претпродажба можат да се набават преку продажната мрежа на Купи карти за сè, а цената до 20-ти август ќе изнесува 150 денари, од 20-23 август ќе биде 200 денари и на врата 250 денари.

Денеска може гордо да се каже дека траат вкупно 30 години (сметајќи го и времето пред издавањето на првиот албум), а круна на нивната долгогодишна кариера е токму последниот албум „Нек’ буде љубав“. Од самото основање во 1985 година па сè до денес, Црвена Јабука има снимено бројни студиски албуми кои се распродадени во златен и платинест тираж, како и бројни компилации, а како круна на нивната дискографија по повод нивното роденденско славење, објавено е антологиското издание „Да није љубави“ со 4 ЦД-а и ДВД изданието „С друге стране сјечања“ со дури 25 видео записи. Распродадените концерти, успешните турнеи и бројните хитови кои ја обележаа нивната досегашна кариера на Црвена Јабука им обезбедија место помеѓу најголемите поп бендови од овие простори. Новиот студиски албум содржи дури 16 нови песни, меѓу кои и изведбата во живо на дуетот со Халид Бешлиќ, „Годинама“. Покрај овој дует, интересни се и вокалните соработки со Кемал Монтено во песната „Црвени пољупци“, Карло Мартиновиќ во песната „Вјерујем“, како и со групата Неверне Бебе во песната „Ово је крај“. Албумот е сниман на повеќе локации во Загреб, Дортмунд, Сараево и Белград, а Жера и продуцентот Бранимир Михаљевиќ започнаа со работа на новиот материјал уште во 2010 година, веднаш по успешно завршената турнеја Карловачко live, на која го промовираа последниот албум „За твоју љубав“, прославувајќи 25 години музичка кариера.

Првиот промотивен сингл од новиот албум е клавирската балада „Бомбона“, чиј видео запис е потпишан од Семир Ливадиќ – Семко, а СМЦ Продукција најави уште два до три промотивни видео записи за песните „Са тобом знам“, „Мило моје“ и „Роџендан“.

 



Врати се горе ↑