Концерт plakat 17 m

11 декември, 2012

Концерт на Биг Бендот на ФМУ

Наредниот понеделник, на 17-ти декември, во салонот на Македонската Опера и Балет свој концерт ќе одржи Биг Бендот на ФМУ со асамбли и солисти од класите на Кире Костов, Александра Поповска (Даутовски квартет), Иван Иванов, Кирил Туфекчиевски,Мартин Вучиќ и Дамјан Пејчиновски – Пејчин (Шајн) од новата студиска програма за популарни жанрови.

Под диригентската палка на маестро Кире Костов на концертот ќе бидат изведени светски познати поп, рок и џез композиции, а на сцената на МОБ публиката ќе може да ги слушне изведбите на афирмираните професори кои ќе настапат заедно со своите студенти.

„За прв пат во 46 годишното постоење на Факултетот за Музичка Уметност оваа академска година ја воведовме новата студиска програма за популарни жанрови која има за цел да образува кадри во популарната музика во областите на аранжирањето, естрадно-пеење, труба, саксофон, тромбон, ударни инструменти, пијано, гитара и контрабас.  Реномираниот наставен кадар кој е високо едуциран на најреферентните школи во Европа е тука да го пренесе своето знаење на студентите и со тоа да ја направи нивната љубов кон музиката ненадминлива“ – изјавува Деканот на ФМУ Гордана Јосифова- Неделковска.

Нико Ѓорѓиевски и Виктор Апостоловски кои јавноста ги познава како едни од финалистите од музичкото шоу „Македонски Идол“ ќе бидат дел изведувачите кои ќе настапат на овој концерт.

Популарните „Still Loving You“ од Scorpions,  „Be Yourself “од Audioslave и Chris Cornell,  „What A Wonderful World“  од Bob Thiele и George David Weiss, прекрасната „One More Once“ од Michel Camilo, се само дел од репертоарот кој Биг Бендот ќе го изведе во понеделник. Концертот ќе започне во 20 часот, а влезот е слободен.



Врати се горе ↑