Концерт guili guili goulag live.png

5 октомври, 2015

Kонцерт на белгискиот бенд „Гили гили гулаг“ во културниот центар „Кула“

Културниот центар „Кула“ продолжува да носи новости од широката палета на музичкиот експериментален жанр. Овојпат во рамки на музичката програма нуди концерт налик на вуду литургија, со примеси на култ од фетиши на непознат јазик. Настапот на овој необичен состав ќе можете да го проследите вечерва, 5 октомври (понеделник) со почеток во 20.00 часот.

„Гили гили гулаг“ (Guili Guili Goulag) е експериментален белгиски рок бенд кој твори под влијание на африканска музика, краутрок, дум, панк и многу други работи. Карактеристични се по звучната харфа, длабокиот бас и племенските перкусии. Нивниот перформанс може да се опише како бучна танцувачка точка со моменти на импровизација. Од неодамна „Гили гили гулаг“ го снимаат својот прв албум, под издание на четири издавачки куќи и тоа: „Mon cul c’est du Tofu“, „Rockeril Records“, „Cheap Satanism“ и „Attila Tralala“.

Нивната прва турнеја започнува во октомври 2014 година, а во моментов се на својата втора турнеја, каде што прв пат го посетуваат Балканскиот регион. Новиот материјал, на којшто работат непречено, ќе биде издаден до крајот на годината (2015).

Проследете го ова необично доживување или, како што самото име на бендот кажува, да дозволите нивниот звук да ве заскокотка до мера на хистерија!

 



Врати се горе ↑