Концерт BAD COPY

28 ноември, 2013

Концерт на Бед Копи на офф-Таксират 15

Таксират Фестивал ја надополнува претфестивалската програма на овогодинешното јубулејно издание на фестивалот со уште еден настан. Покрај веќе најавените концерти од офф-програмата, со задоволство Ви го најавуваме и концертот на белградскиот хип хоп состав Бед Копи (Bad Copy) кој ќе се одржи на 14-ти декември во „Експо Центар“ во Скопје со почеток во 22:00 часот! По неколку години отсуство, Бед Копи во април годинава се врати на сцената со новиот албум „Кригле“ кој ги собра позитивните критики во регионот. Скај Виклер (Ѓорѓе Миљеновиќ), Ајс Нигрутин (Владан Аксентијевиќ) и Тимбе (Рашид Куртановиќ) го задржаа препознатливиот сатиричен стил поради кој станаа и една од најпопуларните хип хоп групи во регионот. Нивниот настап во рамките на Таксират 15 ќе биде прилика прв пат да го чуеме во живо материјалот од новиот албум, но и старите хитови кои ги прославија незаменливите Бед копи.

Бед копи  е хип-хоп група од Белград, која во 1996 година ја основаа Ајс Нигрутин и Мики Бој. Истата година го објавија првиот албум „Орбод мебеј“, кој беше сочинет од комични текстови рапувани врз инструментални песни на популарни американски рап артисти како Метод Мен и Ноти бај нејчр. Албумот не успеа да привлече поголемо влијание од медиумите, но со него Бед копи навлече култен статус меѓу публиката. По трагичната смрт на Мики Бој на Косово во 1999 година, Ајс Нигрутин направи пауза и во 2000 година заедно со Тимбе и Скај Виклер, ја обновува групата во состав кој и денес заедно работи. Заедно го објавија албумот „Све сами хедови“ (2003) снимен во радиско студио, кој за кратко време стана хит, благодарение и на првиот сингл Uno Due Tre. По концертните промоции на овој албум, стартуваше покомерцијалниот успех на групата, привлекувајќи го вниманието на публиката и интересот на медиумите. На својот трет студиски албум „Најгори до сада“ (2006) забележаа соработки со повеќе гости вклучувајќи ги Скабо, Бвана, Едо Маајка и Господар Времена. По овој албум, во 2008 година групата се разединува и сите тројца продолжуваат со активни соло кариери, со забележана пауза кај Скај Виклер кој во 2009 година се повлече од сцената поради приватни обврски.

Годинава Бед копи сепак се вратија на сцена и тоа на голема врата со новиот албум насловен „Кригле” кој беше најавен со видео запис за синглот „Љубав или пиво“, а кој им донесе и настап на последното издание на реномираниот регионален фестивал „Егзит“. Познати по своите хумористични текстови и жаргон, членовите на групата имаат објавено неколку албуми и како соло артисти и допринесоа за популаризацијата на хип хоп музиката во Србија и регионот на почетокот од новиот милениум. Во досегашната работа имаат забележано и повеќе соработки со артисти како Хорнсман Којоти („Ајсбрн“), Блајнд Бизнис, Кибу, Прти Бее Гее, Бвана, Ху Си?, Марчело, Београдски Синдикат, Едо Маајка, Баук Сквад, В.И.П. и други.

Билетите за концертот на Бед Копи се веќе достапни во продажната мрежа на МКтикетс:

• Продажните салони на One низ Македонија

• Во Скопје: Југотон, Розе Веро 2, Камарад Рамстор, Кафе Браво, Кафе Круг Аеродром.

Цената на билетите во претпродажба е 200 денари, а на влезот на „Експо Центар“ истите ќе чинат 300 денари.

 

Во офф-програмата на петнаесетгодишното издание на Таксират Фестивал веќе се најавени концертот на Порн заедно со Бил Гулд од Фејт Ноу Мор кој ќе се одржи на 3-ти декември во клуб „Хавана“ и концертната вечер „Од Вардар до Триглав“ на 8-ми декември во МКЦ. „Од Вардар до Триглав“ е настанот на кој Конкеринг Лајон концертно ќе го промовираат новиот албум „Revelation“, а истата вечер ќе настапат и Репетитор (Србија), Ен’Токо (Словенија) и Фонија (Македонија). Влезниците за концертот на Порн и „Од Вардар до Триглав“ чинат 150 денари во претпродажба и 200 денари на влезот на клуб „Хавана“ и МКЦ.

Главната вечер на Таксират 15 ќе се одржи на 28-ми декемви во Метрополис Арена. Од програмата за финалната вечер на Таксират 15 веќе се најавени настапите на Бернајс Пропаганда и Београдски Синдикат, а наскоро ќе бидат објавени и останатите артисти. Промотивните влезници за Таксират 15 се веќе достапни во продажба по цена од 450 денари.



Врати се горе ↑