Концерт 15578565_851441681625432_1444478763030468076_n

15 декември, 2016

Концерт на „Баклава“ во Битола

На 20 декември, вторник, во Центарот за култура во Битола, со почеток од 20 часот, концерт ќе одржи познатата музичка група „Баклава“.

„Баклава“ е основана во 2005 година, како резултат на спојот на индивидуалните музички искуства на нејзините членови во различни проекти. Со минималистички музички концепт, клучниот предизвик е создавање на авторска музика во жив дијалог со естетските дострели на светската музика. Како четворка, именувањето во „Баклава“ не беше земен само како синоним на турскиот, исклучително благ деликатес, туку како синоним на ромб, совршената геометриска форма, или пак боја во картите. Во исто време, баклавата е вообичаен симбол на македонската изворна традиција, претставувајќи еднаквост, сплотеност на културните разлики во уметноста и четирите страни на светот.

15391140_1203738789703810_6414216862032515003_n                                                                                Фотографија: Наце Попов

„Баклава“ има три различни изданија, од традиционална до светска музика, преработки и авторски песни, мешавина од повеќе јазици и музички стилови… Додека нивниот прв албум „Баклава“ е концертен, „Калемар“ е нивниот прв студиски албум, и е создаден од композиции од самите членови. На третиот албум наречен „Me mankas mucho“ (Многу ми недостигаш), ќе сведочите на едно преплетување на мелодијата од различни народи, култури и религии. По многу настапи, албуми, неколку музички спотови, свој документарец, тие ќе имаат неколку песни и во филмот „Трето полувреме“.

14581519_1097350366987439_4036533512342058962_n                                                                            Фотографија: Наце Попов

Вообичаено на сцена можете да ги видите Елена Христова (вокал), Дејан Сибиновски (деф), Дејан Теодосиевски (виолочело) и Ѓорѓи Клинчаров (тамбура). „Баклава“ беа во Данска, Шпанија, Франција, Германија, Чешка, Белгија, Романија, Турција, Србија, Италија… И тие ќе продолжат да истражуваат нови светови, храбро чекорејќи таму, каде што ниедно блачко не било досега.

Влезници за концертот по цена од 150 денари ќе може да се набават на билетарницата на Центарот за култура – Битола.



Врати се горе ↑