Концерт arhangel

26 септември, 2013

Концерт на Архангел и Македонска Филхармонија‏

Македонската легендарна група АРХАНГЕЛ повторно на концертна сцена. На 26-ти октомври во Спортскиот центар „Борис Трајковски” овој македонски состав повторно ќе докаже дека македонски подобро звучи. Овој концерт ќе биде своевиден рок спектакал. И нема да има реприза. Македонските Архангел и песните кои едно време ги пееше цела Југославија, на 26-ти октомври во Борис Трајковски на сцена ќе застанат со Македонската филхармонија. Повеќе од 60 луѓе на една единствена сцена. Рок звуците на Архангел во комбинација со сериозноста на звуците на филхармонијата, ќе ѝ дадат сосема поинаков шарм на таа вечер. По спектакуларниот концерт во 2011 година, време е за најголемата македонска рок група на сцена да доживее нешто поинако. Нешто оригинално и уникатно. Нешто што ќе потсетува на целата нивна кариера и на нивните успеси. Во 2011 нè потсетија дека македонски подобро звучи. Годинава во мода ја враќаат љубовта. Под мотото Љубов, Ристо Вртев и екипата ќе Ви потврдат зошто во 1993 и 1994 година, ги добија наградите за најдобри настапи во живо. Архангел најавуваат рок спектакал а организаторите, пред него, најавуваат бројни изненадувања!!!

Архангел

Архангел е македонска рок група основана во февруари 1989 година. Основачот на овој денес легендарен рок состав е Ристо Вртев. Во својата дискографија, потпишуваат 4 албуми благодарение на кои и денес се сметаат за една од најдобрите македонски рок групи. „Архангел“ е првиот албум издаден во 1991 година. По него, „Архангел 2“ од 1993 година кој пак за потребите на југословенскиот пазар касетно бил издаден под наслов „Дно”. Со албумот „Heart Core“ од 1998 година, се заокружи замислената трилогија на Вртев. Во 2003 Архангел го издадоа нивниот четврти албум „Небесна машина“. По основањето на Архангел, благодарение на претходната репутација на Вртев, воопшто не било тешко да се привлече вниманието на јавноста. Ги обожавала цела Југославија а во 1993 и 1994 година ги наградуваат и за најдобри настапи во живо. Архангел во својата биографија, ја запишуваат и музиката за филмот „Збогум на 20 век” на Александар Поповски и Дарко Митревски.

 



Врати се горе ↑