Настани плакат волтер грос и теншан

2 јуни, 2015

Концерт на американските електронски музичари Волтер Грос и Теншан во културниот центар „Кула“‏

Како вистинско електронско освежување „Кула“ ви ги претставува американските музичари Волтер Грос и Теншан. Помеѓу мрежа од кабли и електронски уреди ќе имате можност да го восприемите експерименталниот електронски звук на американската сцена на 2 јуни (вторник) со почеток во 20.00 часот. Со вистинско задоволство, тимот на „Кула“ ви ги носи најновите форми на електроника преку неконвенционални битови, мутирани вокали и магма од перкусии.

Кога станува збор за музика, Волтер Грос е мајстор во кршење на звукот и негова деконструкција без никакво правило кон фрик-ноиз жанрот. Со мала доза на панкабилност и поголемо присуство на хип-хоп, Гроз прецизно го обработува и го пренесува звукот на Балтимор. Неговата вештина не се должи на начинот на градење на битовите, но попрво на компресираната синтетика која делува освежувачки и ново. Она што ќе можете да го слушнете во вторник ќе биде една од најбизарните, ментално растројувачки перформанси кои некогаш сте ги виделе.

Теншан е електронски музичар од Сан Диего кој стои зад издавачката куќа „Скрапез“ и е дел од составите „Кричрс“, „Киловатс“ и „Обстракшн“. Во последните неколку години го придружува Гонјасуфи во неговите европски и американски турнеи како негов битмејкер. Неговиот аудио израз ја заматува линијата помеѓу музичките жанрови, а тоа е видливо во широката палета на влијанија од хип-хоп, фанк, полски џез и скреч-даб. Без сомнеж, музиката на Теншан е неодоливо уникатна и оригинална на ниво на продукција, која варира, но е максимално кохерентна.

Повелете на електронско уживање од психоделични колажи кои ќе ве стават во хипер екстазно расположение.



Врати се горе ↑