Концерт skyrise-winter-51

1 април, 2015

Комплетирана програмата за концертот на „Скајрајз“

На првата концертна промоција на тетовскиот состав „Скајрајз“, која ќе се случи во МКЦ во петок (3 април), ќе гостуваат 3 бендови, меѓу кои и гостите од Србија – „Док 7“. Картите ќе чинат 150 денари, а ќе можат да се купат на самата билетарница на МКЦ. Покрај до сега најавените „Гаврнмент“ и Јана Нарајана, на самостојната промоција на првенчето „To Unknown“ на „Скајрајз“, издадено минатата година за „Пасворд продукција“, ќе го видиме и панк рок составот од Ниш – „Док 7“.

 

Токму тие во 21 часот ќе ја отворат ноќта во Младинскиот културен центар во Скопје. Веднаш потоа следува Јана Нарајана, по што сцената ќе ја преземат битолчаните „Гаврнмент“. Самиот крај секако е резервиран за „Скајрајз“, чиј настап со сигурност ќе го заслужи вашето внимание и ќе ви остави силен впечаток.

Имајќи предвид дека и членовите на „Гаврнмент“, како и тие на „Скајрајз“ имаат свирено во неколку успешни состави од нашата некомерцијална музичка сцена („Три минитс ин д рејн“ (Three minutes in the rain), „Конкеринг лајон“ (Conquering Lion)…), очекувајте спремно шоу на кое ќе биде сервирана сосема свежа музичка понуда.

 

Во меѓувреме, „Скајрајз“ го поставија својот деби албум за преслушување и бесплатно преземање на страната „Бендкемп, па слободно послужете се со одличниот производ. Современиот звук, чиј квалитет е реткост во регионот, покрај на талентот на младите момци од Тетово, се должи и на одличната продукциска реализација на луѓето од студијата „Супернова“ и „Марифет“ (MarryPhat).

Специјалните гости „Док 7“ во Скопје престојуваат и како дел од промотивната турнеја на 49. издание на фестивалот „Гитаријада“ (за конкурсот прочитајте овде), која традиционално се одржува во градот Заечар во Србија, оваа година од 29 јули до 1 август. Нишките панкери во 2011 беа прогласени за најдобар демо бенд на 46. „Гитаријада“ според гласовите на публиката.



Врати се горе ↑