Балкан Gitarijada 2 by Ivica Ivanovic

9 јули, 2014

Комплетирана програмата на „Гитаријадата“ во Заечар

Како што се наближува почетокот на 48. „Гитаријада“ која годинава ќе се одржи од 30 јули до 2 август во Заечар, веќе е позната комплетната содржина на програмата која ќе се одвива на пет различни сцени. Зајечар и ова лето ќе биде центар на рокенрол музиката на овие простори, а Гитаријадата заедно со натпреварувачките бендови ќе претстави и многу познати имиња. На главната сцена „Рок стејџ“ ќе настапат „Прљаво казалиште“, „Партибрејкерси“, „Рибља чорба“, „Кербер“, „Гоблини“, „ЈУ група“, „Атомско склониште“, „Ван Гог“, „Дет со“ (Death Saw), „Дибидус“, „Џа или бу“, „Перо дефформеро“, потоа минатогодишните победници „Мад фактори“ (фотографија долу) и победниците од публиката „Хути ота тре“, како и групата „Севи“ од главниот град на Бугарија.

На оваа сцена на 31 јули и 1 август ќе се одржат и полуфиналните вечери во чии рамки ќе настапат вкупно 14 бендови: „Револт“, „Генова“, „Холографик хјуман елемент“, „Д зу“, „Ел качон“, „Гаддемн“, „Меда вук и Сандокан“, „Џони олмоуст“, „Киза блуза бенд“, „Маниту“, „Ин д рум“, „Мајкроуејв“, „Кора“ и нашите „Смоук шејкерс“. На чело на жирито е Бранимир Локнер, а членови се Игор Полак, Ненад Кузмиќ, Панта Џамбазоски, Драгиша Радуловиќ, Игор Башин и Драгутин Матошевиќ. Големото финале е закажано за 2 август. Сите полуфиналисти имаат право на учество на Рок Академијата која ќе се одржи неколку дена пред почетокот на манифестацијата.

„Имајќи ја предвид мисијата на Гитаријадата, во однос на поранешните изданија, од оваа година изменет е наградниот фонд, како и бројот на награди. Победникот според оценките од публиката ќе добие снимање видео запис и поддршка за односи со јавноста, а на победниците според одлуката на стручното жири и победниците според жирито од подрачјето на Србија им следува снимање, продукција и издавање на албум, потоа снимање видео запис и подршка за односи со јавноста. Добитниците на наградите исто така ги очекува и промотивна турнеја во земјите од регионот, која ќе започне од февруари 2015 година и ќе заврши со настапите на 49-тата Гитаријада“, вели Перислав Дуциќ, директор на Гитаријадата.

На „Ворлд мјузик стејџ“ публиката ќе има можност да ги види „Лајко феликс“, „Балкан стрингс“ и „Сиера Леоне рефјуџи ол старс“, на „Бајк стејџ“ ќе свират „Најт шифт“, Џими Роџерс, „Проџект тош“, „С.У.С.“, „Хелм“, „Чврге“ и други, додека на 30 јули на отворањето и доделувањето на клучевитена роконачалникот на 48. Гитаријада, на „Феликс Ромулиан стејџ“ ќе настапат „Вива Вокс“, Влада Дивљан и Марија Шерифовиќ. 

Новина во овогодишната програма претставува „Гитар Арт Стејџ“, а директорот на Гитаријадата открива дека во рамките на оваа сцена „ќе бидат организирани отворени часови за класична гитара за учениците на музичките училишта, посетителите на креативниот курс за гитара и сите заинтересирани музичари. Предавачите Бојан Ивановски, Бојана Николиќ, Никола и Жељко Старчевиќ ќе имаат и свои настапи во рамките на оваа програмска целина.“

Во рамките на програмата „Гитаријада Вижуал“ ќе биде претставена изложбата на стрипови „Стрип пресинг“ и изложба на фотографии.

Програмата „Слободна зона“ традиционално опфаќа многубројни интересни промоции и трибини, а годинава ќе се одржи промоција на документарниот филм за групата Мизар од авторот Марко Џамбазоски, групите Хелм и Вила Филозофина ќе ги промовираат своите нови албуми, а посетителите ќе имаат можност да присуствуваат и на промоциите на книгите „Све те грешнице“ од авторот Срѓан Стоилковиќ, „Нови рок“  од Игор Башин и „Рок под кулом“ од Горан Кукиќ, како и трибината на тема „Интернетот против традиционалните медиуми во промоцијата на рокенролот“.

„Една од најважните придружни програми на Гитаријадата од самиот почеток беше Рок кампот. Во времето на поранешна Југославија, кампот ги отвораше своите врати веќе недела дена пред самиот почеток на фестивалот, бидејќи многу посетители доаѓаа од оддалеченост од 500 и повеќе километри сè со цел да присуствуваат  на најголемиот рок настан на Балканот. Кампот годинава ќе биде отворен на 30 јули, а се очекува да дојдат посетители од Србија и странство. Сместувањето е бесплатно, а на сите кампери им е обезбеден и еден бесплатен оброк дневно. Покрај Рок кампот, истовремено се отвора и ’Бајк капм’, со оглед на тоа што истовремено со Гитаријадата на истото место се одржува и 18-тиот мото собир во организација на мото клубот Триумф од Зајечар, кој годинава ќе биде централен мото собир на Мото асоцијацијата на Србија заедно со атрактивни мото трки и егзибиции на некои од најдобрите европски каскадери. Сите програми на Гитаријадата годинава се бесплатни“, потсетува Снежана Станојевиќ, менаџер за односи со јавноста.

 



Врати се горе ↑