Аудио love_to_love_you_donna_cover

19 октомври, 2013

Компилација во чест на Дона Самер

Диско-поп дивата која почина на 17-ти мај минатата година, Дона Самер ќе добие почесна компилација насловена „Love to Love You Donna“, која издавачката куќа Verve Music ќе ја објави на 22-ри октомври. На ова издание ќе се најдат ремикси на некои од најголемите хитови на популарната „кралица на диско музиката“, како што ја нарекуваа фановите на овој музички жанр. Покрај порано објавената „Love Is in Control (Finger on the Trigger)“, која ја ремиксуваше канадското електро-фанк дуо Кромио (Chromeo), на компилацискиот албум ќе се најде и една потполно нова песна која Дона Самер ја направи заедно со влијателниот италијански музички продуцент Џорџо Мородер, со кој соработувала во текот на целата нејзина кариера и кој ја наговорил да ја напише и сними нејзината најпозната песна „Love to Love You Baby“.

Насловот на оваа песна е „La Dolce Vita“, а како што вели сопругот на пејачката Брус Судано, иако до сега не била објавена, Самер и Мородер на неа работеле со години и како звучи тоа можете да слушнете во продолжение.

Еден од основачите на музичкиот правец „итало диско“, Џорџо Мородер повторно дојде во центарот на вниманието откако една песна која го носи неговото име и во чија продукција учествувал се најде на албумот „Random Access Memories“ кој во мај годинава го претстави француското електро дуо Дафт Панк.

Дона Самер е родена во 1948 година во Бостон и се смета за најголемата дива на диско музиката, а за тоа придонесоа нејзините хитови како што се „She Works Hard for The Money“, „Love to Love You Baby“, „Hot Stuff“, „I Feel Love“ и други. Во текот на нејзината кариера има продадено 30 милиони албуми ширум светот, освои пет Греми награди, стана првиот изведувач кој три пати со ред со три различни двојни албуми го освои првото место на Билбордовата листа за САД и прва која имала четири песни на првата позиција на американската листа на синглови во период од само 13 месеци. Почина на 17-ти мај 2012 година на Флорида од рак на белите дробови.

 



Врати се горе ↑