Македонија rob-fani

12 октомври, 2016

Кој снима во студиото на Роберт Билбилов?

Од студиото на Роберт Билбилов произлегоа бројни хитови на македонската, но и регионалната музичка сцена, па не е чудно што една од неговите долгогодишни пријателки и соработнички реши токму таму да го снима својот повратнички сингл. Имено, после пауза од неколку години, познатата пејачка, текстописец и диџеј Фани Христова реши да нè изненади со нова песна.

„После долго време, снимам нова песна. Се знае со кого, Роберт Билбилов е незаменлив. Едвај чекам да ја слушнете“, напиша пејачката објавувајќи ја оваа фотографија на Фејсбук.

fani-robert

На темата со работен наслов „Љубов како песна“, Фани се потпишува како автор на музиката и текстот, а аранжманот е дело на Билбилов.

„Воопшто не размислував со кого ќе го работам проектот со кој по подолга пауза се враќам на сцената. Роберт беше човекот што пред многу години ме натера да почнам со пеење. За мене тој е најдобриот продуцент на овие простори. Темата досега требаше да биде промовирана, но раѓањето на мојот внук ми ги измени плановите“, откри пејачката во неодамнешен разговор со Дневник.

Последното што го слушнавме од Фани беше соработката со диџеј Навигатор за темата „Finally Over You“, макфестовскиот дует со Игор Митровиќ – „Далеку од овде“, како и летните хитови „Тi amо“ и „Полно е небото (Ritmo de la noche)“, а што ни подготвија со Роберт се надеваме дека ќе дознаеме наскоро. Додека го очекуваме нејзиниот нов сингл, да се потсетиме на еден од нејзините најпознати хитови, „Помисли што направи“.



Врати се горе ↑