Свет Grammy-2014-thumb

10 јануари, 2014

Кој сè ќе настапи на доделувањето на Греми наградите?

Како што се наближува 29-ти јануари, датумот на кој ќе се одржи 56-тото доделување на Греми наградите, се дополнува и списокот на изведувачи кои ќе настапат на најважниот настан за музичката индустрија. Самостојни настапи и интересни дуети и соработки ќе бидат дел од манифестацијата во Стејплс центарот во Лос Анџелес, а дел од веќе познатите имиња се Лорд, Кејти Пери, Робин Тик, Металика, Дафт Панк со Стиви Вондер, Најл Роџерс и Фарел Вилијамс, Пинк со Нејт Руес и други, додека познатиот рапер и добитник на 2 Греми награди, Ел Ел Кул Џеј повторно ќе има улога на домаќин.

Членовите на легендарниот бенд Металика годинава се враќаат на оваа манифестација по пауза од 22 години, а еден од најпознатите метал бендови на сите времиња, кој до сега има освоени 9 Греми награди, сцената ќе ја дели со познатиот кинески пијанист Ланг Ланг: „Почестени сме што повторно нè поканија да настапуваме на доделувањето на Греми наградите“ – изјавија членовите на бендот, додавајќи: „Овој настап навистина ќе биде нешто посебно бидејќи со нас ќе настапи и Ланг Ланг, кој настапувал на многу големи настани ширум светот, вклучувајќи го и отворањето на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, на свечената вечера во Белата Куќа, церемонии за Светски првенства и концертот на фондацијата Алфред Нобел во Стокхолм. Покрај тоа, многу сме горди што саундтракот за филмот ’Metallica Through the Never’ е номиниран за Греми во категоријата ’Best Recording Package’ и се надеваме на уште една победа за нашите пријатели од агенцијата Tарнер Дакворт, кои ја дизајнираа обвивката за ’Death Magnetic’ и ја освоија оваа награда во 2009 година.“

Новозеландската ѕвезда, 17-годишната Лорд ќе дебитира на оваа престижна манифестација откако доби дури 4 номинации, вклучувајќи ги Снимка на годината и Песна на годината за нејзиниот мегахит „Royals“, а настапи и на церемонијата за номинации која се одржа во декември минатата година. Кејти Пери исто така настапи на овој настан, но нејзината изведба беше пренесувана преку сателит од Канада, а годинава таа ќе се бори во категориите Песна на годината и Најдобра поп соло изведба за песната „Roar“, која се најде на нејзиниот актуелен албум „Prism“. Робин Тик е номиниран за три награди и ќе настапи заедно со џез/рок составот Чикаго.

На овогодинешниот список на изведувачи кои ќе настапат на 56-тото доделување на Греми наградите се наоѓаат и уникатните соработки меѓу кои е и онаа на Дафт Панк, Стиви Вондер, Најл Роџерс и Фарел Вилијамс, како и претходно најавените настапи на Пинк и Нејт Руес, чиј дует „Just Give Me A Reason“ е номиниран во категориите Песна на годината и Најдобра поп дуо/групна изведба, потоа тука се Кендрик Ламар и Имеџин Дрегонс, како и легендите на кантри музиката Мерл Хагард, Крис Кристоферсон, Вили Нелсон и нивниот помлад колега Блејк Шелтон.

 



Врати се горе ↑