Македонија makfest2

9 мај, 2014

Кој ќе пее на Макфест 2014?

На денешната, прва официјална прес-конференција, одржана во кабинетот на градоначалникот на Штип, беа објавени имињата на настапувачите, наградите и деталите околу овогодинешното издание на македонскиот фестивал. Александар Белов, Маја Вукичевиќ, Влатко Илиевски, Алекандра Јанева, Тамара Тодевска, Елвир Меќик, Биба Додева, Викторија Лоба, се само дел од 30 имињата кои ќе настапат на 29-тото издание на Макфест, кој ќе се одржи на 5, 6 и 7 јуни во Домот на културата во Штип.

„Од буџетот на Министерството за реализација на Макфест се издвоени 7 милиони денари. Во партнерски однос со Општина Штип, која исто така партиципира со средства, имаме доволно финансии да го реализираме фестивалот. Макфест е бренд не само на Штип, туку и на Македонија, и тоа е главната причина што Владата на Македонија презеде обврска да го финансира, заедно со уште неколку други фестивали. Со новата концепција и новата организациска поставеност, „Макфест“ ќе понуди нови професионални стандарди со што ќе се подигне и неговиот квалитет. Владата и Министерството изминатиот период работеа на обезбедување услови за поддршка и стимулирање на македонското музичко творештво, и преку Законските одредби успеавме да создадеме услови за кревање на квалитетот на македонската музика“ – истана министерката Елизабета Канческа-Милевска.

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, изрази благодарност за ангажманот на Министерството и Владата што помогнаа во реализаицја на фестивалот бидејќи тоа е еден од најважните музички фестивали во Македонија: „Многу музичари, групи, пејачи почнаа на Макфест. Во изминатите 28 години се направени околу 1000 песни. Тоа е богат фонд и тоа е еден вид историја на македонската забавна музика. Од тој аспект, морам да кажам огромно благодарам до премиерот и Владата кои јасно увидоа дека „Макфест“ има историска важност за Македонија, како бренд, како име кое има и меѓународен респект, награди и со тоа пружија рака за поддршка на фестивалот. Општина Штип и годинава ќе издвои 3 милиони денари, заеднички со средствата од Министерството, имаме речиси двоен буџет од лани, што е повеќе од доволно да имаме беспрекорен фестивал“ – изјави Захариев.

Директорот на фестивалот, Дарко Мијалковски напомена дека денес се завршува и последната 30-та песна со што се познати сите изведувачи: „Од 83 пристигнати композиции на конкурсот, селекционите комисии избраа 17. Преостанатите 13 песни се избрани по пат на нарачки. Првата полуфинална вечер, ќе бидат изведени 15 песни од кои 9 ќе одат во финале. Исто така и втората полуфинална вечер ќе слушнеме и видиме уште 15 песни, а уште 9 ќе одат во финале. Тоа значи дека во сабота, на 7 јуни ќе бидат изведени 18 песни кои ќе се натпреваруваат за трите награди од 20.000, 15.000 и 10.000 евра“ – изјави Мијалковски.

Уметничкиот директор, Оливер Арсов истакна дека подготовките околу изведувањето на песните во живо течат интензивно: „Од следната недела ќе имаме редовни прес-конференции, а ревискиот оркестар на МТВ веќе работи на песните, на аранжманите, како и на компакт дискот со сите композиции. Годинава фестивалот ќе биде погламурозен и сигурен сум дека и Штип и Македонија ќе бидат задоволни од она што ќе го видат“ – изјави Арсов.

Техничкиот директор на Макфест, Трајче Јованов напомена дека сцената, звукот и сликата ќе бидат во согласност со професионалните стандарди: „Сѐ што е од технички аспект ново, модерно и достапно, ќе биде на Макфест со што и аудиовизуелниот сегмент ќе одговара на сите стандарди на еден ваков фестивал“ – изјави Јованов.

Извор и фотографии: Република



Врати се горе ↑