Македонија

15 февруари, 2019

Кој ќе ја прави евровизиската песна на Тамара?

Минатиот месец беше откриено дека нашата евровизиска претставничка годинава е Тамара Тодевска, а сега веќе е познат и тимот што ќе застане зад евровизиската песна со работен наслов „Proud“, која ќе биде отпеана на англиски јазик. Станува збор за едни од најдобрите композитори на македонската и регионалната музичка сцена – хитмејкерите Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски. Тројцата композитори веќе со години се потпишуваат на некои од најголемите македонски хитови и евергрини, но имаат и доста богато евровизиско икуство.

Билбилов, кој беше еден од авторите и на евровизиските „Let Me Love You“ (Тамара, Врчак и Гаџа, 2008) и „Autumn Leaves“ (Даниел Кајмакоски, 2015), е виновен за можеби најпопуларните песни на Тамара („Готово е“, „Тажна љубов, среќна песна“, „Брод што тоне“, „Тешко без тебе“...), докажувајќи дека станува збор за тандем од соништата што функционира на иста фреквенција, па беше сосема очекувано да биде дел и од оваа евровизиска приказна.

View this post on Instagram

@darkodimitrov making his magic 🎶🧠🎵

A post shared by Robert Bilbilov (@justrbproduction) on

Цветкоски, пак, работеше на нашите евровизиски песни во 2013 и 2014 година – Пред да се раздени на Есма и Лозано и To The Sky на Тијана – a со Тамара соработуваше за дуетот со ДНК и апсолутен радиски хит за 2015 година – „Фрази љубовни“.

Можеби најбогато евровизиско искуство има Димитров, потпишувајќи се на наши песни и за стандардната и за детската верзија на фестивалот, вклучувајќи ја и минатогодишната импресивна балада Дома“ на Марија Спасовска. Тој е композитор и продуцент на „Нинанајна“, песната со која во 2006 година Елена Ристеска го постигна нашиот највисок пласман досега (12. место во финале), заедно со Цветкоски работеше на „Пред да се раздени“ (2013) и „To The Sky“ (2014), а ја аранжираше и продуцираше минатогодишната „Lost And Found“ на „Ај кју“, како и Нова деца на српските претставници Сања Илиќ и „Балканика“.

View this post on Instagram

Coming soon… #proud #teamtamara ❤️

A post shared by Tamara Todevska (@tamaratodevska) on

Како што веќе споменавме, евровизиската песна на Тамара го носи насловот „Proud“ (Горда), а во моментов се работи на продукциското оформување на финалната верзија која се очекува да биде претставена до крајот на месецов.

Каква и да е евровизиската песна, се надеваме дека истата ќе биде соодветно поставена на сцена, бидејќи, како што знаеме, најголемата забелешка за повеќето наши претставувања е токму сценскиот настап. За тоа зборуваше и самата Тамара во неодамнешно гостување во емисијата „Еден на еден, каде што нагласи дека и нејзе ѝ е важен тој аспект, а особено осветлувањето, заради кое што смета дека сме „редовно незабележани“.

Тамара во Тел Авив ќе се натпреварува во втората половина од втората полуфинална вечер на 16 мај, а се надеваме и во големото финале на 18 мај. Среќно!



Врати се горе ↑