Настани ny

26 декември, 2014

Кој каде ќе пее за Нова година?

Граѓаните на Македонија и годинава најлудата ноќ ќе ја поминат со песните на голем број македонски изведувачи. Предновогодишната забава во главниот град насловена „Волшебна нова 2015“ веќе започна вчера, а ќе трае до 31 декември. Централната прослава ќе се одвива на плоштадот „Пела“, а на манифестацијата чии водители ќе бидат Сашко Коцев и Марјана Станојковска, посетителите ќе уживаат со изведбите на Даниел Кајмакоски, Елена Ристеска, Дани, Маја Панчева, диџеј Ерик Фокс и Симона Попоска, Есма, Сузана Спасовска, Наум Петревски, Мустафа Имери и „Куку леле“. 

Во градот на конзулите празнична програма започнува утре, 27 декември, а Новата 2015 година битолчани ќе ја дочекаат со „Х бенд“, Сефедин Бајрамов, „Памерс“, „Паркети“, Ламбе Алабаковски и Влатко Лозаноски, а главна ѕвезда на вечерта ќе биде поп дивата Калиопи: „Моја привилегија е да ја поминам оваа вечер со битолчани. Затоа што знаете што за мене претставува Битола. Секој мој концерт во овој прекрасен град бил исполнет со многу емоции. Мислам дека овој град заслужува многу“, рече пејачката, која за следната година најави и целовечерен концерт во античкиот локалитет „Хераклеја“, во рамките на 10. издание на најбогатото културно лето во земјава, „Битфест“.

Кумановци ќе влезат во новата година со босанскиот бенд „Реџина“, кој за македонската публика е познат по соработката со Елена Ристеска за песната „Љубав није за нас“, како и по евровизискиот настап во 2009 година, кога боите на својата земја ги бранеше со темата „Бистра вода“. Во моментов се актуелни со сингловите „Калимеро“ и „Затупи заглупи“.

Охриѓани ќе се забавуваат со песните на Владо Јаневски, Петар Нечoски и групата „Камелеон“, а прилепчани со Денис Димоски, Давид Нешкоски – Трио, „Д хаундс“, „Македонски Синови“, „Бен Хур“, „Кросроад блуз бенд“, Стефан и „Лидер бенд“, Милена Јованоска и незаменливата Блага Петреска. Новата година ќе биде дочекана со Милениумската химна „1000 години Прилеп“ со музика, текст и аранжман на Кристијан Габроски и спектакуларен огномет.

 



Врати се горе ↑