Балкан 31823_124222854275521_4584516_n

13 јануари, 2013

Кој е потенцијалниот наследник на Дино Дворник?

Ретки се оние кои не се сеќаваат на евергрин хитовите од хрватската легенда Дино Дворник и до ден денес знаеме да заиграме на „Ти си ми у мислима“, „Зашто правиш слона од мене?“ и други. Карактеристичен денс звук и одлична музика која гарантира добро расположение. Иако не е многу познат за македонската публика, хрватскиот пејач Марио Хуљев веќе 15 години е присутен на хрватската музичка сцена, но се чини дека оваа 2013-та е годината која долго ја очекувал и конечно ја дочека. Хуљев е пејач со огромно искуство и фантастичен вокал, а при крајот на минатата година го објави неговиот деби албум насловен „Игра под сунцем“. Неговиот стил на музика многу потсетува на оној карактеристичен звук кој го имаше легендарниот Дино Дворник, а неговата песна, односно преработка на „Љубав се зове именом твојим“ се најде на првенчето на Хуљев, секако со нов аранжман. Токму затоа хрватскиот Вечерњи Лист го нарече потенцијален наследник на големата легенда.

Албумот го најави со три синглови, од кои последниот со наслов „Ти“ го однесе до пошироката публика, а за поголемиот дел од песните се погрижи познатиот хрватски композитор и аранжер Силвијо Пасариќ кој е заслужен за хитовите на Северина, Ивана Киндл и многу други. Покрај тоа, тој ги отсвирил и клавијатурите, гитарите, ги програмирал битовите, а запеал и како придружен вокал. Одличната и пред сè добитна комбинација Хуљев-Пасариќ е виновна за албумот каков што одамна не се појавил на хрватската музичка сцена. Во продолжение слушнете ја заразната денс нумера „Ти“, за која верувам дека ќе ја освои и македонската публика.

Извор: tportal.hr/фото:фејсбук фан страница на Марио Хуљев



Врати се горе ↑