За Вас

31 декември, 2018

Кои се најпознатите новогодишни песни?

Од светската музичка сцена доаѓаат голем број празнични песни, меѓутоа најголем дел од нив се за Божиќ. Иако најлудата ноќ во годината не инспирирала баш голем број музичари, сепак ние се потрудивме да најдеме дел од повеќе и помалку познати песни кои се на тема Нова година. На овој последен ден од годината што изминува, покрај дел од македонските новогодишни песни што ги одбравме за годинава, во продолжение слушнете ги и темите од светската музичка сцена. Опфатени се повеќе жанрови и повеќе временски преиоди, односно има песна за сечиј вкус. Имајте  убави, весели и радосни празници! 

Тејлор Свифт – New Year’s Day (2017)

Сместена на нејзиниот актуелен албум „Reputation“, темата „New Year’s Day“ од Тејлор Свифт е една од поновите песни посветени на новогодишната ноќ, односно на нередот што останува следното утро, после лудата забава…

 

Дајдо – Happy New Year (2013)

На албумот „The Girl Who Got Away“ од 2013 година, британската музичарка Дајдо ја смести и оваа песна посветена на последната ноќ од годината.

 

Џастин Бибер и Џејден Смит Happy New Year (2011)

На последниот ден од 2011 година канадската сензација ја објави оваа песна во која гостува актерот и рапер Џејден Смит, синот на познатиот холивудски актер Вил Смит.

 

Снуп Дог и Марти Џејмс – New Year’s Eve (2010)

Песната која беше наменета за единаесеттиот студиски албум на Снуп Дог, „Doggumentary“, раперот ја објави како промотивен сингл на 5 ноември 2010 година. Како гостин се појавува колегата Марти Џејмс, а како звучи нивната соработка можете да слушнете во продолжение.

 

Мараја Кери – Auld Lang Syne (The New Year’s Anthem) (2010)

Истата година пристигна и второто празнично издание на кралицата на празниците, a на албумот „Merry Christmas II You“ се најде и новогодишната химна „Auld Lang Syne“.

 

Детреј – Happy New Year (2000)

Некогашниот калифорниски бенд „Детреј“ (Deathray) исто така објави песна за најлудата ноќ во годината, а како звучи тоа можете да слушнете во продолжение.

 

Ен-синк – Kiss Me At Midnight (1998)

По мошне успешното деби издание, некогашната група „Ен-синк“ во 1998 година го објави празничниот албум „Home For Christmas“, а песната „Kiss Me At Midnight“ се најде токму на ова издание.

 

Ју ту – New Year’s Day (1883)

Напишана за движењето за солидарност во Полска, легендарниот ирски бенд ја објави оваа песна на 1 јануари 1983 година како прв сингл од нивниот албум „War“, а беше и нивниот прв хит-сингл во Велика Британија, достигнувајќи до 10. место на сингл-листата. Видеозаписот снимен во декември 1982 година во Шведска е првиот спот за групата кој најмногу се прикажуваше на Ем-ти-ви.

 

AББA – Happy New Year (1980)

Популарната песна со работен наслов „Daddy Don’t Get Drunk on Christmas Day“, се најде на нивниот албум „Super Trouper“. Иако снимена во 1980 година, песната како сингл беше објавена дури во 1999 година, а највисокиот пласман во Шведска го достигна во 2008 година освојувајќи го 4. место.

 

 

Бери Менилоу – It’s Just Another New Year’s Eve (1977)

Оваа песна се најде на албумот „Live“, кој американскиот музичар и продуцент Бери Менилоу го објави во 1977 година.

 

Ела ФицџералдWhat Are You Doing New Year’s Eve? (1960)

Песната која датира од 1947 година, ја напиша Френк Лесер, а први ја отпеаја членовите на групата „Ориолс“. Подоцна свои верзии снимија и Ела Фицџералд, Лина Хорн, Џони Матис, „Карпентерс“, Пати ЛаБел, Барбра Страјсенд, Дајана Крал, Бери Менилоу, Бет Мидлер, Род Стјуард и други. Во продолжение уживајте со верзијата на легендарната Ела Фицџералд од 1960 година.

 

Џуди Гарланд – Happy New Year (1957)

Легендарната актерка и пејачка, која повеќето генерации ја паметат по улогата на Дороти од филмот „Волшебникот од Оз“ (1939), Џуди Гарланд во 1957 година го објави албумот „Alone“, на кој се најде и песната насловена „Happy New Year“.

 

Бинг КрозбиLet’s Start The New Year Right (1942)

Со Оскар и со Греми наградениот американски композитор Ирвинг Берлин ја компонираше оваа песна за филмот „Холидеј ин“ (1942), а покрај Крозби, подоцна ја отпеа и Френк Синатра. Како што е Мајкл Бубле во изминативе години, така Бринг Крозби беше крал на празниците кон средината на минатиот век, оставајќи зад себе бројни божиќни филмови и албуми. Четириесетина празнични теми отпеани од познатиот пејач и актер во 1998 година беа објавени и на компилацијата „Bing Crozby: The Voice Of Christmas“,  на која се најде и оваа песна.

 

Се надевам дека Ви се допадна изборот на новогодишни песни, а не заборавајте да ги преслушате и најпознатите македонски новогодишни песни. Имајте среќни празници, се читаме во Новата 2019 година!

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑