Балкан knez

3 ноември, 2014

Кнез ќе ја претставува Црна Гора на Евровизија 2015

Иако има уште доста време, малку по малку се откриваат учесниците на јубилејното 60-то издание на Изборот за песна на Евровизија, кое следната година ќе се одржи во Виена, Австрија. Првата земја која деновиве го откри својот претставник е Црна Гора, а нејзините бои ќе ги брани познатиот музичар Ненад Кнежевиќ, познат како Кнез.

„Ќе дадам сè од себе за да влезам во финале“, изјавил музичарот, додавајќи: „Познато е дека одамна имам желба да учествувам на Евросонг. Тоа би била круна на мојата кариера, секогаш сум имал позитивно мислење за тој музички натпревар“.

Освен Црна Гора, деновиве својот претставник го откри и Белгија, а тоа е младиот пејач Лоик Ноте (Loïc Nottet), кој се прославил со учеството во белгиската верзија на натпреварот „The Voice“, каде што го освоил второто место.

За јубилејното издание на Евросонг, своето учество досега го потврдиле 39 земји, меѓу кои и Македонија, а како што е познато, нашиот претставник ќе биде победникот на претстојниот „Скопски фестивал 2014“. Во игра се враќаат и Босна и Херцеговина, Србија и Кипар, а свој претставник, поради веќе познати причини, нема да прати Украина. На евровизиската сцена нема да видиме ни претставници од Хрватска, Бугарија, Словачка, Чешка, Турција, Андора, Либан, Луксембург, Монако и Мароко.

Двете полуфинални вечери се закажани за 19 и 21 мај, додека големото финале ќе се одржи на 23 мај.

И.Ј.



Врати се горе ↑