Настани 10306727_917346591619496_1029515597897378126_n

26 декември, 2014

Клубовите за ритмичка гимнастика и уметничко лизгање со завршни предновогодишни претстави

Во недела, спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на две претстави во кои учество ќе земат членовите од клубот за ритмичка гимнастика и уметничко лизгање при СЦ „Борис Трајковски“. Младите членови од 5 до 12 години на клубот за ритмичка гимнастика, во недела (28.12) од 10.00 часот ќе ја оддржат својата завршна приредба, додека новогодишната приредба на клубот за уметничко лизгање ќе биде одржана од 18.00 часот.

„СЦ ’Борис Трајковски’ е активно вклучен во промоција на нови спортови, како уметничкото лизгање и ритмичката гимнастика. На наше огромно задоволство, во овие два клуба бројот на деца кои се запишани во овие клубови постојано расте, што доволно говори за атрактивноста на овие спортови, кои на светско ниво се навистина развиени. Веруваме дека, во годините кои следат, Република Македонија ќе даде врвни гимнастичари и лизгачи, кои ќе нè претставуваат на светски натпреварувања, пред сè благодарение на овие клубови и врвните тренери кои ги тренираат децата и се грижат за нивниот спортски развој”, изјави Златко Перински, директор на СЦ „Борис Трајковски”.

Приредбата на клубот за ритмичка гимнастика е подготвена од девојчиња на возраст од 5 до 12 години, кои ги води Сузана Јовановска Рајковлевска. На истата ќе бидат презентирани точки со четири реквизити: топка, јаже, лента, како и точка без реквизити. На крајот, на сите членови на клубот ќе им бидат доделени новогодишни пакетчиња. Новогодишната приредба на клубот по уметничко лизгање, ќе вклучи 43 деца од клубот кои подготвија 20 точки. Од нив четири се групни, сите инспирирани од новогодишни песни, додека останатите ќе бидат индивидуални точки со кои дел од членовите ќе се претстават на различни натпреварувања.

Сите оние кои се заинтересирани, термините за часовите по ритмичка гимнастика се понеделник, среда и петок од 19.00 до 20.00 часот; вторник и четврток од 18.00 до 20.00 и сабота од 10.00 до 12.00 часот. Термините за часовите по уметничко лизгање се понеделник од 17.00 до 19.00; среда од 17.00 до 20.00; петок од 17.00 до 19.00 и; сабота и недела од 08.30 до 12.00 часот.



Врати се горе ↑