За Вас aw

2 декември, 2014

„Клубот 27“ е сепак само урбан мит…

Сите слушнале за озлогласениот „Клуб 27“, наречен според возраста на која светот го напуштиле изведувачи како што се Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Курт Кобејн, Ејми Вајнхаус и Џим Морисон. Овој број околу себе создаде „урбана легенда“, а бројни музичари барем еднаш се запрашале дали ќе доживеат до доцните дваесетти. Меѓутоа, има ли вистина во тврдењата дека 27-мата година од животот (особено ако се занимавате со музика) е едноставно „проколната“?

Неодамнешно истражување покажало дека НЕМА. Студијата исто така покажала која е реалната возраст на која умираат најголем број музичари: статистички најверојатно е дека еден музичар овој свет би го напуштил на 56 години!

Истражувањето го објавила Диана Кени (Dianna Kenny), професорка по психологија и музика на Универзитетот во Сиднеј. Таа истражувала биографии на музичари од сите популарни музички жанрови кои починале во периодот од 1950 година до мај годинава, а потоа нивните податоци и стапката на смртност ги споредила со просекот од статистиката на општата популација на граѓаните на САД. А добиените резултати биле мошне изненадувачки!

Најголемото изненадување било тоа што музичарите сепак живеат просечно 25 години пократко од личност која не живее од музика. Исто така, несреќните случаи биле 10 пати почеста причина за смрт отколку во случаите на „општата популација“, самоубиството е седум пати почесто, додека убиството дури осум пати почесто. Накусо, кога станува збор за музиката, изгледа дека се работи за мошне опасен и не баш долг живот.

 

Дури 2,2 % од сите музичари починале на таа возраст, додека во општата популација на 56 години починале само 0,85%. Стапката на смртност во 27-мата година за музичарите изнесувала 1,3%, што значи дека веројатноста да се умре во тие години е двојно помала отколку да се почине на 56.

Причините за смртта на музичарите исто така се доста поинакви од оние кај општото население – додека за „обичните смртници“ најверојатно е дека ќе починат од болест на срцето, истражувањето покажало дека има вистина во стереотипот за животот во стилот на „рок енд рол“: опојните дроги и алкохолот се далеку почеста причина за смрт кај музичарите отколку кај генералната популација, независно од возраста на која тоа се случило.

Извор: music.mic/mtv.rs



Врати се горе ↑