Свет lhf1

2 март, 2015

Ќе запее и Луис Хамилтон?

Шампионот на Формула 1, кој во моментов е во центарот на вниманието и заради раскинувањето на долгогодишната врска со пејачката Никол Шерцингер, Луис Хамилтон ќе се обиде да ги освои и топ листите, пишува британскиот таблоид „Сан“ (The Sun). Имено, познатиот возач, кој често објавува фотографии во студио, наводно бил во преговори со издавачката куќа „Рок нејшн“ на Џеј Зи за да објави дел од многуте песни коишто ги снимил со повеќе продуценти. Меѓу имињата на соработниците се спомнува и Родни Џеркинс, познат како „Даркчајлд“, кој е познат по соработките со Мајкл Џексон, Лејди Гага и други.

Извор: Инстаграм

„Рок нејшн“ (Roc Nation) е дом на ѕвезди како што се Ријана, Канје Вест, Рита Ора и Кајли Миног, а најновиот член на ова популарно „семејство“ може да биде и Хамилтон: „Луис разговараше со неколку важни личности од музичката индустрија, вклучувајќи го и тимот на ’Рок нејшн’“, открил изворот на „Сан“, додавајќи: „Сè уште е рано да се каже, но Луис веројатно ќе објави неколку од своите песни. Тој голем дел од своето време го поминува во студио, работи со мошне познати соработници и сето тоа го сфаќа многу сериозно. Формула 1 сè уште е негов приоритет, но немојте да се изненадите ако се обиде да има и поп кариера.

Хамилтон неодамна ја објави и оваа фотографија пишувајќи: „Покрај автомобилот, ова е моето омилено место. Мојата тврдина на самотијата.“



Врати се горе ↑