Македонија bb

6 февруари, 2015

Ќе замрат „Биг-бендот“ на МРТ и францускиот „Фејмс“

Со новиот закон за хонорарци е доведено во прашање постоењето на два оркестри – „Фејмс“ и „Биг-бендот“ на МРТ – што функционираат кај нас со години, а во кои се ангажирани повеќе од 100 музичари. Членовите на овие оркестри не ги продолжија своите договори поради тоа што со новите измени драстично ќе им се намалат хонорарите за нивниот ангажман. Последиците, според нив, би биле далекосежни и укажуваат на опасноста од замирање на и онака кревкиот концертен живот кај нас.
Штетата е голема, ни се сече и последната гранка на која можевме мирно да седиме, бидејќи преку ангажманот во овие оркестри имавме какви-такви дополнителни примања. Ние не сме Швајцарија, па од огромните хонорари да ни се одземаат исто толку големи даноци. Со овој закон државата, наместо да ги поттикнува културните вредности, си игра весела математика – вели Виктор Илиески, претседател на Сојузот на синдикатите на културата.

Прекината успешната приказна на оркестарот „Фејмс“ 

Во оркестарот „Фејмс“, специјализиран за снимање филмска музика, свират околу осумдесет музичари. Тие одлучија да не ги продолжат договорите, бидејќи со најновите пресметки треба да издвојат речиси 47 отсто за пензиско и здравствено осигурување.

Со плаќањето на персоналниот данок од 11 отсто, цената за изведба беше реална, но со измените во законот, според најновите пресметки, уметниците треба да издвојат речиси 47 отсто за да се добие бруто-износот. Со парадоксалното дуплирано плаќање на социјалното осигурување за кое веќе еднаш издвојуваме како вработени во институциите и дуплираното плаќање за пензиско осигурување се намалува цената на трудот и се доведува во прашање исплатливоста за свирење во овој оркестар. Успешната приказна врзана за овој оркестар сега е ставена под знак прашање – вели Илиески. 

Повеќе на оваа тема во прилогот на „Нова Македонија“.



Врати се горе ↑