Свет whitney

9 декември, 2012

Ќе се објави книга за Витни Хјустон

Продуцентот Нарада Мајкл Волден кој продуцираше голем дел од хитовите на почетокот на нејзината кариера, ќе пишува книга за починатата дива Витни Хјустон, во која ќе се раскажува за нејзиниот живот, односно нејзините почетоци и патот кон славата. Добитникот на Греми и Еми наградите, Волден во средата се појавил во Греми музејот во Лос Анџелес каде што објави детали за книгата, а изведе и неколку песни за кои Витни соработувала со него. Дел од хитовите кои ги продуцирал Волден се „How Will I Know“ и „I Wanna Dance With Somebody“.

„Нејзината смрт беше толку шокирачка и ненадејна што сакав да создадам нешто што ќе ги одржи во живот прекрасните аспекти од нејзиниот живот. Медиумите беа преплавени со нејзината зависност и ја игнорираа нејзината музичка генијалност“ – изјавил Волден за Ројтерс. Откако таа се удави во бањата по земањето на кокаин на 11-ти февруари, беше одржан концерт во нејзина чест каде што настапија Џенифер Хадсон, Ашер и други нејзини колеги, а беше издадено и ЦД со нејзините најголеми хитови, книга со фотографии и реално шоу со членовите од нејзиното семејство.

Книгата ќе го носи насловот: „Whitney Houston: The Voice, the Music, the Inspiration“ (Витни Хјустон: Гласот, музиката, инспирацијата), а Волден ја пишува заедно со Ричард Баскин. Во истата е опишано како Волден се запознал со пејачката кога имала 13 години и ја придружувал до студиото заедно со нејзината мајка. Тој работел на материјал за нејзината мајка, соул и госпел пејачката Сиси Хјустон.

Тој рекол дека скоро и да заборавил на убавото девојче сè додека не добил повик од Ариста Рекордс во 1984 година, кога работел на албум за Арета Френклин, па му било кажано да одвои време за да работи на деби албумот на Витни. Волден открил дека менаџментот на Џенет Џексон ја одбил понудата да ја сними „How Will I Know“, па со малку поправки ја направил соодветна за можностите на Хјустон, која со нејзиниот вокален распон од 5 октави ја снимила песната со само едно снимање.

„Првата проба беше вистинското нешто. Наместо да се доизработува во повеќе сегменти, ние бевме готови само за неколку минути“ – рекол тој, додавајќи дека Витни секогаш работела брзо. Продуцентот кој исто така има работено и со Реј Чарлс, Стиви Вондер и Барбра Стрејсенд, соработуваше со Хјустон и на следните нумери: „So Emotional“, „One Moment in Time“ и „I’m Every Woman од филмот „The Bodyguard“.

Волден и Хјустон се разидоа во доцните деведесетти години, но тој отиде да ја види на годишната Греми забава, на која домаќин беше нејзиниот долгогодишен ментор, могулот Клајв Дејвис. На таа забава во 2011 година, Витни била со нејзината ќерка Боби Кристина (тогаш 17 години) која изјавила дека сака да пее и работи со Волден. „Но Витни ми упати поглед со кој сакаше да каже ’Не брзај. Сум го поминала тој пат… и не сум сигурна дали сакам да ја „проколнам“ со тоа“ – рекол тој.

Волден изјавил дека е добредојдена можноста да работи со ќерката на Витни, која е главна тема на озборувачките блогови и таблоиди. „Ако таа сака, јас со задоволство ќе бидам нејзин продуцент и ќе го одржам во живот професионалниот имиџ на нејзината мајка и ќе се фокусирам на позитивното“ – додал тој.

 



Врати се горе ↑