Македонија s-ybby

12 март, 2015

Ќе биде ли забранет новиот видео запис на Слаткаристика?

Oткако пред некој ден беше објавен новиот видео запис  на Слаткаристика и бугарскиот рапер „Јанг би-би јанг“, за песната „Таа има маж“,  реагираше  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оценувајќи го спотот како вулгарен и насилен во кој има снимени експлицитни сцени на секс, насилство и  убиство.

„Музичкиот спот, на кој се однесува вашето прашање, содржи непристоен вулгарен говор, еротика, сцени со насилство и последици од насилство, односно сугестибилни облици на однесување опасни за здравјето и безбедноста кое лесно може да се имитира од страна на помладите малолетници. Оттаму, уредникот на која било телевизија, врз основа на својата етичка свест и уредничка одговорност, треба внимателно да процени дали во конкретен програмски контекст е нужно емитувањето содржини потенцијално штетни за малолетните лица и при определувањето на категоријата на оваа програмска содржина, а со тоа и периодот на нејзино емитување, да ги земе предвид критериумите за категоризација на програмите од Правилникот за заштита на малолетните лица“ – изјавила Емилија Јаневска, претставник од Агенцијата за порталот „Репортер.мк“.

Од таму се категорични дека самите телевизии одлучуваат дали некоја содржина ќе се најде на програмите, имајќи предвид дека телевизиите се целосно самостојни, независни и одговорни при создавањето на програмите и креирањето на нивната уредувачка политика. АВМУ услуги никогаш не одлучува пред емитувањето на медиумските содржини, затоа што тоа би било цензура која е забранета со Уставот на Република Македонија. Сепак…

„Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги телевизиите не смеат да емитуваат програми кои можат сериозно да го загрозат физичкиот, психичкиот или моралниот развој на малолетните лица (порнографија, непотребно насилство – садизам). Програмите пак, кои имаат потенцијал да и нанесат штета на оваа телевизиска публика, а сепак, не припаѓаат во првата група програми чие емитување е забрането, треба да се категоризираат според критериумите утврдени во Правилникот за заштита на малолетните лица и да се емитуваат во соодветни временски периоди од деноноќието“, дополнуваат од Агенцијата.

АВМУ може да реагира и ќе реагира само доколку давателите на аудиовизуелни медиумски услуги не го почитуваат Законот и подзаконските акти, во конкретниов случај Правилникот за заштита на малолетни лица.

Според Законот, Агенцијата има две мерки на располагање во случај кога се емитуваат вакви или слични спорни содржини: Решение со кое ќе го опомене радиодифузерот, а доколку радиодифузерот во тековната година веќе бил опоменет за прекршување на правилата за заштита на малолетните лица, втората мерка е поведување прекршочна постапка пред надлежниот суд.

Овој пат, бидејќи станува збор за еден од најпознатите македонски хипхопери, кој има повеќе илјадна публика составена претежно од малолетна и тинејџерска публика, самиот артист, Слаткаристика, треба да биде внимателен какви теми и сцени експонира во своите песни.



Врати се горе ↑