Настани kiril_dzajkovski

15 април, 2013

Кирил Џајковски и С.А.Р.С. на Аква Парк Фест

Посебно задоволство на Аква Парк Фест ќе биде и настапот на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена – Кирил Џајковски, чие име го додаваме на веќе потврдените артисти на фестивалот.

Покрај успешната концертна сезона, претходната година Џајковски ја одбележа работејќи и на реализацијата на музиката за македонските филмови Трето полувреме и Балканот не е мртов, но и со објавувањето на новото ЕП со шест композиции. Незаборавната завршница на 2012. сепак беше настапот во Скопје на „Таксират 14“, кој публиката го оцени како еден од најдобрите настапи на Џајковски досега, по што со истото темпо тој ја продолжи и 2013., потврдувајќи ги гостувањата на најголемите европски музички настани. Сето тоа го прави нашето задоволство уште поголемо, затоа што и годинава домашната публика ќе има можност да ужива во магијата на концертните настапи на Џајковски и тоа токму на Аква Парк Фест.

Кирил Џајковски во февруари годинава го претстави и новото ЕП, дел од новата фаза на македонскиот музички гениј – Hell Of A Road и прво од серијата изданија која ќе биде заокружена со долго очекуваниот нов албум. Ова најново остварување секако дека ќе имаме ексклузивна можност да го чуеме во живо токму на концертот кој Кирил ќе го одржи во рамките на Аква Парк Фест, каде што покрај стандардниот музички состав, негова придружба ќе бидат и извонредните ТК Вондер (TK Wonder) и Гето Прист (Ghetto Priest).

Дел од музичката програма на првото издание на АКВА ПАРК ФЕСТ се и регионаните миленици С.А.Р.С., артистите препознатливи по секогаш одличната забава на нивните концерти. Српскиот алтернативен бенд прерасна во едно од главните музички имиња на т.н. Нова Српска Сцена. Една година по оформувањето, во 2006-та во Белград, групата ја објави првата песна „Буѓав Лебац“, која постигна неверојатна популарност во екс-Ју регионот и од тогаш не стивнува еуфоријата која бендот ја предизвикува со своите настапи. Овој успех важи за посебен феномен, имајќи предвид дека стануваше збор за целосно анонимен бенд без финансиска поддршка и класична медиумска промоција. Во 2009-та пристигна и С.А.Р.С. албумот и хит-сингловите како „Дебели лад“, „Ратујемо ти и ја“, „Ракија“, „Будим се“. Претходната година групата беше актуелна и со новиот албум „Перспектива“, а бендот во Македонија ја освои и „Златна Бубамара“ наградата за Најдобар балкански рок албум. По стотици одржани концерти, С.А.Р.С. денес е еден од најбараните авторски бендови на екс-Ју просторите и име кое е гаранција за одлична концертна журка.

Првото издание на Аква Парк Фест го подготвуваме да биде посебно од повеќе аспекти и спакувано како исклучителен дводневен „open-air“ фестивал кој ќе се одржи на 24 и 25 мај во Пробиштип. Главни ѕвезди на фестивалот ќе бидат несомнено водечките музички имиња и претставници на различни музички стилови, како веќе претходно потврдените: Марк Најт, Санери Џејмс и Рајан Марчиано, Суперхикс, Фолтин, Конкуеринг Лајон.

АКВА ПАРК ФЕСТ ќе се одржи на просторот на првиот Аква Парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Овој простор од 18.000м2 нуди идеални услови за одржување на масовен музички хепенинг на самото подножје на преубавите Осоговски планини. Фестивалскиот простор покрај фестивалските бини и Аква Паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо. Подгответе се за одлична забава со интензивна дневна програма, извонредно искуство со најдоброто од современата музичка сцена и сет листи за целовечерно лудување и многу насмевки.

Влезниците за Аква Парк Фест ќе бидат достапни во продажба по промотивна цена од:

700 денари за фестивалска влезница (во која е вклучен бесплатен камп простор и бесплатно користење на Аква Паркот и водените атракции за двата дена од одржување на фестивалот)

и

400 денари за еднодневна влезница (во која е вклучено бесплатно користење на Аква Паркот и водени атракции за денот за кој ја купувате влезницата).

Промотивните билети ќе се продаваат во ограничен број, а ќе можат да се купат во продажните салони на One, Office Plus и продажната мрежа на МКтикетс.



Врати се горе ↑