18 јули, 2017

Кеша со химна за жените

Нема пауза за Кеша! Американската пејачка неодамна се врати на сцената со баладата „Praying“, која го најави нејзиното трето студиско издание „Rainbow“, а сега веќе го имаме и вториот сингл насловен едноставно „Woman“. Станува збор за химна за жените, зачинета со дувачката секција на „Деп Кингс“ (The Dap-Kings), што дополнително придонесува за заразниот ретро звук.

„Беше прекрасно искуство да се ѕирне во нивниот свет и да се видат куповите касети од Шерон Џонс и плочите на ѕидот“, напиша таа во својот есеј за „Ролинг стоун“, додавајќи дека „вибрациите меѓу тие ѕидови се вистински и нивната душа се вовлекува во музиката создадена таму. Се чувствував како да снимам во друго време, како што замислував дека снимале моите херои во шеесеттите и седумдесеттите.“

Уште поинтересно е тоа што коавтори на песната се двајца момци (Дру Пирсон и Рабел). „Убаво беше искуството да се пишува моќна песна за жените со двајца мажи… тоа уште повеќе го потврдува фактот колку мажите можат да ги поддржуваат жените и феминизмот воопшто. Тој ден беше еден од најдобрите во мојот живот. Беше вистинска радост. Никогаш не сум имала толку прекрасен и забавен ден на работа како тој ден. Тоа беше ден што ќе го паметам засекогаш“, заклучи таа, а како звучи и изгледа нејзината нова химна можете да погледнете горе. Уживајте!

 



Врати се горе ↑