Свет

22 февруари, 2019

Кендрик Ламар и Сиза нема да настапат на Оскарите

Кендрик Ламар и Сиза одлучија да не ја изведат својата номинирана песна „All The Stars“ на претстојното 91. доделување на Оскарите што ќе се одржи в недела, на 24 февруари. Темата од филмот „Црниот пантер“ е една од петте номинирани во категоријата за најдобра оригинална песна, заедно со „Shallow“ од Лејди Гага и Бредли Купер.

Традиционално, петте номинирани во оваа категорија се поканети да ги изведат своите песни за време на доделувањето, но Ламар и Сиза ќе бидат единствените што нема да ја изведат својата песна на главниот настан. Како што пренесуваат американските медиуми, причината е од „логистичка природа“.

 

Ламар наводно бил и меѓу изведувачите што ја одбија поканата да настапат и на неодамнешното доделување на музичките награди Греми, каде што „All The Stars“ беше номинирана во четири категории.

Освен изведувачите на останатите номинирани песни, на Оскарите в недела ќе настапат и легендарните „Квин“ со Адам Ламберт, кои ќе ја имаат честа да ја отворат манифестацијата. Тие ќе бидат дел од настанот по повод биографскиот филм за Фреди Меркјури – „Боемска рапсодија“ – кој е во трка за пет награди, вклучувајќи ги оние за најдобар филм и најдобар актер во главна улога за Рами Малек.



Врати се горе ↑