Свет

3 август, 2018

Келвин Харис шеста година е најплатениот диџеј на светот

Списанието „Форбс“ ја објави листата со најплатени диџеи за оваа година, а без поголемо изненадување, на првото место се најде шкотскиот хитмејкер Келвин Харис. 34-годишниот музичар и продуцент во изминатите 12 месеци заработил 48 милиони долари, само половина милион помалку од лани. За своите настапи во Лас Вегас тој наплатува стотици илјади долари, а кога е главна ѕвезда на фестивалите, сумата е седумцифрена.

Освен како диџеј, Харис е и голем творец на хитови и редовно се наоѓа на врвот на топ-листите. Тој го има и веројатно најголемиот летен хит за оваа година, „One Kiss“, на кој пее Дуа Липа и кој помина осум недели по ред на првото место на британската топ-листа.

 

Веднаш зад него, со заработувачка од 45,5 милиони долари е американското дуо „Чејнсмоукерс“, а на третото место се најде холандскиот ветеран Тиесто, чија сметка годинава во изминативе 12 месеци била дополнета со 33 милиони долари. Меѓу најплатените на оваа листа се и имиња кои оваа година имавме можност да ги видиме и во Македонија, како што се Аксвел и Ингросо (11. место) и Димитри Вегас и Лајк Мајк (14. место), кои ја имаа честа да го отворат и годинашното издание на фестивалот „Охрид колинг“.

Десетте најплатени диџеи на листата на „Форбс“ се:

  • Келвин Харис – 48 милиони долари
  • Чејнсмоукерс – 45,5
  • Тиесто – 33
  • Стив Ајоки – 28
  • Маршмело – 23
  • Зед – 22
  • Дипло – 20
  • Дејвид Гета – 15
  • Каскејд – 13,5
  • Мартин Гарикс – 13


Врати се горе ↑