Свет Calvin_Harris

17 август, 2013

Келвин Харис на врвот на листата на најплатени диџеи на Форбс

Келвин Харис е на самиот врв на најновата листа на диџеи со најголема заработка во текот на претходната година, која ја објави магазинот Форбс. Харис го заслужи ова место со заработка од дури 30 милиони британски фунти, односно околу 46 милиони долари во претходните 12 месеци. Овој успех го оствари благодарение на серијата од хит синглови како што се „We Found Love“ во кој гостува Ријана, како и преку повеќе од 100 настапи во живо, од кои во просек заработил по 130 000 фунти, оставајќи ги далеку позади себе колегите како што е Тиесто со заработка од 20 милиони фунти, односно 32 милиони долари.

Коментирајќи ја оваа вест, Харис скромно изјавил дека за овој успех најзаслужен е принципот „вистинското нешто во вистинскиот момент“: „Зголемувањето на популарноста на денс музиката во изминатите три години е навистина астрономско. Едноставно се најдов на вистинско место во вистинско време.“

Останатите диџеи и продуценти на листата се Дејвид Гета, Дедмаус, Авичи, Свидиш Хаус Мафиа и Скрилекс. Листата со заработки ја одразува и желбата на промотерите по секоја цена да донесат славни личности на пултовите, па така и ѕвездата на серијалот Jersey Shore, Поли Ди може да се пофали со еднаква заработка каква што минатата година оствариле и Мејџор Лејзер и познатиот диџеј Дипло. Како и да е, оваа електронска екипа од најдобрите 12 во текот на минатата година заеднички стана „потешка“ за 172 милиони фунти, односно околу 270 милиони долари.

Келвин Харис овој месец го поправи и сопствениот рекорд, со што стана првиот изведувач со дури 9 синглови од ист албум да се најде во најдобрите 10 на британските топ листи. Тоа го направи со песната „Thinking About You“ во која гостува Аја Марар, која на 4-ти август се најде на деветтото место на официјалната британска листа. Историскиот албум на кој се најдоа сите овие синглови е „18 Months“, негово трето студиско издание објавено во октомври минатата година. Меѓу останатите синглови заслужни за освоениот рекорд на Харис се и „I Need Your Love“ со Ели Гоулдинг, веќе споменатата „We Found Love“ со Ријана, како и соработката со Флоренс Велч, песната „Sweet Nothing“. На албумот гостуваат и Келис, Дизи Раскал, Тајни Темпа и Егземпл. Изданието е продадено во приближно 550 000 примероци, на врвот на листата се задржа две недели, а во селекцијата на најдобрите 40 остана сите 40 недели од објавувањето.

Во продолжение погледнете ја најновата листа на најдобро платени диџеи на светот во 2013 година според Форбс:

1. Calvin Harris – £30m, $46m
2. Tiësto – £20m, $32m
3. David Guetta – £19m, $30m
4. Swedish House Mafia – £16m, $25m
5. Deadmau5 – £13.5m, $21m
6. Avicii – £12m, $20m
7. Afrojack – £11.5m, $18m
8. Armin van Buuren – £11m, $17m
9. Kaskade – £10m,$16m
=9 Skrillex – £10m, $16m
11. Steve Aoki – £9m, $14m
12. Diplo – £8m, $13m
=12. DJ Pauly D – £8m, $13m

Извор: NME.com



Врати се горе ↑