30 ноември, 2017

Кели Кларксон се распеа во автомобилот на Џејмс Корден

Откако по кусата пауза се врати на сцената со нов албум, американската прејачка Кели Кларксон периодов е мошне зафатена со настапи промовирајќи го новиот материјал, но сепак најде време да му прави друштво на Џејмс Корден на пат до работа. Првата победничка на „Американски идол“ и популарниот актер и водител, кој во јануари повторно ќе биде домаќин на јубилејното, 60. по ред доделување на музичките награди Греми, разговараа и пееја возејќи се низ улиците на Лос Анџелес.

„Since You’ve Been Gone“, „Because Of You“ и актуелниот сингл „Love So Soft“ беа дел од ова караоке во автомобил, а кога стана збор за нејзиниот сопруг, кој воедно ја менаџира нејзината кариера, Корден одлучи да ја изненади со романтичен состанок на задното седиште. Како изгледаше сето тоа можете да погледнете горе.

Инаку, својот осми по ред студиски албум „Meaning Of Life“, 35-годишната ѕвезда го објави на 27 октомври, кој забележа успех на топ-листите, искачувајќи се до 2. место на Билбордовата албумска листа.



Врати се горе ↑