Видео

26 април, 2019

Кели Кларксон ја екранизираше „Broken & Beautiful“ од анимираниот филм „Грди кукли“

Кели Кларксон го претстави видеото за песната „Broken & Beautiful“, која воедно е и најавен сингл од штотуку објавениот саундтрак за анимираниот филм „Грди кукли“ (Ugly Dolls), чија премиера е закажана за почетокот на мај. Авторка на песната е нејзината колешка Пинк, а продукцијата е на хитмејкерите Маршмело и Стив Мек.

Освен што работеше на саундтракот, Кларксон го позајмува и гласот за главниот лик Мокси, која исто така може да се види во видеото што Ве очекува во продолжение.

 

Покрај првата победничка на „Американски идол“, во „Грди кукли“ своите гласови ги позајмија и Ник Џонас, Биби Рекса, Питбул, ЛизоЧарли Екс-Си-Екс, Џанел Моне, Блејк Шелтон, тајванско-американскиот музичар Венг Лихом, комичарот Габриел Иглесијас и актерките Ванда Сајкс и Ема Робертс.

„Грди кукли“ е приказна за група плишани играчки кои живеат во Грдоград (Uglyville), но одлучуваат да заминат на другата страна од планината каде што се наоѓа Институтот за совршеност во кој сите се совршени. Сценариото го напиша Алисон Пек, според приказната на Роберт Родригез, кој заедно со Џејн Хартвел е и продуцент на филмот, а режисерка е Кели Есбери.

Ликовите и насловот на филмот се врз основа на истоимената линија на играчки од Дејвид Хорват и Сан-мин Ким, лансирана во 2001 година.



Врати се горе ↑