Македонија 10544389_749745615064762_6982893554434080597_n

22 јули, 2014

Кавадарчаните „Смоук шејкерс“ со фантастичен настап на „Јелен Демофест“

Кавадаречката инди рок група „Смоук шејкерс“ (Smoke Shakers) е третиот македонски состав кој по Кирил Џајковски и „Супехикс“ настапил како ревијален бенд на најголемиот и најпрестижниот демофестивал на Балканот, „Јелен Демофест“. Веселата кавадаречка рок дружина во четвртокот имаше фантастичен настап пред десет илјадната публика која го исполни замокот во Бања Лука, загревајќи ја атмосферата до точка на вриење пред настапите на светски познатите „Гуано ејпс“ и балканската рок атракција „Хладно пиво“.

Причината за позитивната атмосфера која владееше во текот на сите 30 минути од настапот на кавадаречкиот бенд секако е и тоа што Шејкерси на некој начин веќе се „одомаќинети“ во Бања Лука, бидејќи настапот како ревијален бенд на седмото издание на Јелен Демофест е трето по ред во последните 365 денови во градот на Врбас.

Секако, ниту третиот настап во Бања Лука не помина без новитети, па така момците од бендот и дадоа можност на босанската публика премиерно да ги слушнат нивните три нови песни, „Promise Land“, „Fun Bus“ и „Farewall“ кои заедно со претходните пет синглови го комплетираа 30 минутниот репертоар целосно составен од авторски песни.

Но, настапот пред „Гуано ејпс“ и „Хладно пиво“ не е единствениот предизвик за Шејкерси ова лето, бидејќи нивниот следен настап ќе биде во рамките на 48-мото издание на Гитаријадата во Зајечар (30 јули – 2 август). Во конкуренција од 218 состави од целиот Балкан, Шејкерси се пласираа меѓу најдобрите 14 кои ќе се натпреваруваат за вредни награди во форма на снимање, продукција и издавање на албум, снимање на видео запис и поддршка за односи со јавноста.

Во продолжение уживајте со минатогодишниот сингл „Sunny World“.

 



Врати се горе ↑