Концерт

23 јануари, 2018

Каролина најави концертна промоција на новиот албум „Извор“

Со објавувањето на топлата приказна „Ѕвона“, Каролина Гочева го најави својот нов албум насловен „Извор“, кој ќе стигне во февруари годинава, а материјалот ќе биде промовиран во рамките на четири последователни концерти во МОБ, кои ќе се одржат од 23-26 февруари.

„Со големо воодушевување ви најавуваме дека после блескавиот концертен маратон од пред четири години, Каролина и нејзиниот бенд повторно се враќаат во Македонската опера и балет, со четири последователни концерти, на 23, 24, 25 и на 26 февруари. На концертите публиката за првпат ќе има можност да ги чуе во живо сите нови песни од долгоочекуваниот албум на Каролина насловен ’Извор’, а ќе се потсети и на најубавите нумери од проектот ’Македонско девојче’“, пишува во соопштението од нејзината матична продукција „Авалон“.

Влезниците за сите четири концерти ќе бидат пуштени во продажба по цена од 800 денари, од 24 јануари, во 9 часот наутро, преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“ низ цела Македонија, „Југотон“ и онлајн на веб-страницата на ККЗС. Со секоја купена влезница следува подарок – луксузно дигипак издание од албумот „Извор“, кое ќе може да се подигне веднаш по завршувањето на концертите. 

Доколку се следи истиот концепт од „Македонско девојче“, после концертите во Скопје очекуваме да бидат закажани настапи и ширум Македонија, вклучувајќи ја и нејзината родна Битола.



Врати се горе ↑