Свет

21 март, 2019

Карди Би ја доби својата прва улога во филм

Музичките ѕвезди честопати ја користеле својата слава да се докажат и како актери, а некои тоа го направиле и успешно, добивајќи позитивни критики и номинации за некоја награда. Токму тоа ќе се обиде да го направи и рап-ѕвездата Карди Би со својата прва улога во филмот „Измамнички“ (Hustlers), во кој ќе ја видиме заедно со имиња како што се Џенифер Лопез, Констанс Ву, Кики Палмер, Лили Рајнхарт, Џулија Стајлс и Мерседес Руел.

Станува збор за филмска адаптација на статија објавена во списанието „Кат“ (The Cut) во 2015, во која се зборува за група стриптизерки што изнудиле пари од работници на Волстрит. Режисерка и сценаристка на филмот ќе биде Лорин Скафарија, а продуценти се Џенифер Лопез, Илејн Голдсмит-Томас и Бени Медина.

Карди Би, која во моментов е актуелна со дуетот со Бруно Марс за темата „Please Me, сигурно добро ќе се снајде во оваа улога бидејќи и самата била стриптизерка, што го покажа и во видеото за хитот „Money“, а истиот наслов на шпански јазик го носи и соработката токму со Џеј Ло – „Dinero“. Сè уште не е познато кога ќе излезе овој филм, па повеќе детали околу премиерата се очекуваат наскоро.



Врати се горе ↑