Галерија

28 ноември, 2017

Калиопи во Белград со два концерта за паметење

Една од најдобрите регионални пејачки, нашата Калиопи ги одржа двата најавени акустични концерти во „Коларац“ во Белград. Претставата која траеше повеќе од два часа, харизматичната пејачка ја започна со „Кофер љубави“, по што продолжија да се редат бројните хитови, а за кои може да се каже дека се евергрини од нејзината богата и долга кариера.

Со изведбата на песните како: „Разбуди ме“, „Знам дека те сакам“, „Небото ми сјае“, „Трошка“, „Дона“, „Мелем“, „Локомотива“, „Црно и бело“… Калиопи ја фасцинираше публиката. Присутните беа особено импресионирани од нејзиниот раскошен глас. Публиката цело време пееше заедно со неа и нејзините изведби ги испраќаше со аплаузи и овации.

Посебен настан вечерта беше кога самата Калиопи во соло пијано придружба ја изведе баладата „Тоа е дар“ и „Не плачи“, како и убавата македонска песна „Калеш бре Aнѓо“, овој пат придружувана само од звуците на акустична гитара.

Песната „Април во Белград“ беше во можност да ја отпее додека танцуваше со еден млад посетител од публиката.

Обожавателите уживаа во емоционалната концертна вечер, повикувајќи ја поп дивата на два пати да се врати на бис, на кој Калиопи ги изведе евровизиската „Црно и бело“ и антологиската балада „Бато“.

По концертот, како никому да не му се одело дома, па Калиопи останала до доцна во ноќта, на дружење и фотографирање со фановите.

Извор: Вистина / Фотографии: Жељка Димиќ



Врати се горе ↑