Македонија kaliopi

13 февруари, 2015

Калиопи се подготвува за возбудлива пролет

Деновиве нешто ново и возбудливо се подготвува кај Калиопи и останува многу малку да дознаеме за што точно се работи, пишува „Вистина.мк“. Имено таа очекува деновиве од Швајцарија да допатува Ромео Грил, нејзиниот поранешен сопруг и соработник, со кој се подготвуваат нови песни. Дали Калиопи ќе го задржи трендот на последниот албум да продолжи да пее на српски, или сега ќе сними песни на македонски јазик сè уште не се открива. Уште пред година дена имаше најави за две нови песни на македонски, кои можеби ќе имаме можност да ги слушнеме токму во нареднава пролет.

Калиопи Букле и Ромео Грил ја обновија меѓусебната соработка со реализацијата на евровизиската песна „Црно и бело“ и албумот „Мелем“ кој се појави пред цели две години. Овој албум ја сублимираше севкупната енергија и инспирација која во нив тлее сиве овие изминати години, а со овие два проекта тие беа во иста приказна за прв пат по 1999 година, кога беше објавен антологискиот „Обои ме“.

 

Интересно е тоа што се шпекулира дека познатата дива ќе биде дел од жирито на втората сезона на „Х фактор“, кое деновиве привршува со предаудициите, но продукцијата и понатаму одбива да коментира околу имињата на членовите на жирито, кои секако ќе бидат објавени наскоро. Со оглед на тоа што во натпреварот учествуваат повеќе земји, и минатата година очекувавме разноликост во жирито, а македонската публика и тогаш изрази желба тоа да биде Калиопи.

Таа веќе се докажа како одличен судија во првото и единствено издание на „Македонски идол“, давајќи им конструктивни критики и корисни совети на натпреварувачите, а фактот што веќе долги години е една од најпознатите ѕвезди во регионот и одлично го владее српскиот јазик е само причина повеќе да седне на едно од четирите столчиња.



Врати се горе ↑